Општина Куманово објави два јавни повици за финансиска поддршка за вршење работи од социјална и здравствена заштита
- Граѓанските организации од Општина Куманово можат да се пријават за финансиска поддршка на повикот што го објави општината и да реализираат програми од социјална заштита, информираа на денешната прес-конференција од секторот за социјална заштита.

Куманово, 11 февруари 2025 (МИА) - Граѓанските организации од Општина Куманово можат да се пријават за финансиска поддршка на повикот што го објави општината и да реализираат програми од социјална заштита, информираа на денешната прес-конференција од секторот за социјална заштита.
Целта на програмата е намалување на социјалните ризици, превенција, обезбедување на социјална сигурност, подобрување на квалитетот на живеење и зајакнување на капацитетите на општината.
Граѓанските организации можат да аплицираат за услуги на информирање и упатување, за стручна помош и поддршка, советување, услуги во домот, во заедницата, за вонсемејна заштита.
- Предност при остварување на правото на финансиска поддршка ќе имаат здруженија коишто се во фаза на развој, односно подготовка или воспоставување на социјални услуги коишто се дел од социјалниот план на општина Куманово 2023-2026 година. Финансиска поддршка се однесува и на здруженија кои се во фаза на подготовка на документација за лиценцирање или веќе имаат поднесено документација за добивање на лиценца за социјалната услуга во МТСП а до денот на објавување на јавниот повик немаат добиено лиценца за работа на територија на општина Куманово. Предност ќе имаат апликации кои се однесуваат на развој на услуги на вонсемејна заштита. За оваа намена одвоени се три милиони денари од буџетот на општината, изјави раководителот на секторот за социјална заштита, Александар Крстевски.
Од денеска тече повикот и за програмата за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести за 2025 година, за остварување на правото на финансиска поддршка за вршење работи од областа на здравствена заштита на здруженија и други правни лица. Јавниот повик за финансиска поддршка во спроведување на превентивно-промотивни активности за унапредување на здравјето преку кампањи од областа на здравствена заштита треба да се однесуваат на подигање на свеста за превенција на дијабетесот, за превенција од сексуално преносливи болести, јакнење на свеста кај родителите заради поголем опфат со вакцинација кај децата, рутински здравствени прегледи и скрининг на заболувања и други теми од областа на здравствена заштита.
- Како подносители на предлог-проекти остварување на правото на финансиска поддршка во спроведување на превентивно-промотивни активности за унапредување на здравјето преку кампањи од областа на здравствена заштита на територија на општина Куманово, можат да се јават здруженија и други правни лица кои имаат регистрирана дејност од областа на здравствена заштита. За оваа програма одвоени се 100.000 денари, изјави Крстевски.
Сите заинтересирани здруженија/правни лица, апликационите формулари за остварување на правото на финансиска поддршка во спроведување на превентивно-промотивни активности за унапредување на здравјето преку кампањи од областа на здравствена заштита на здруженија и други правни лица на територија на општина Куманово за 2025 година, можат да ги подигнат по електронски пат на веб страницата на општината. Јавните повици завршуваат на 23 февруари, годинава. ам/цр
Фото: МИА