Општина Крива Паланка и годинава исплати по 3.000 денари за секое прваче
- Сите семејства од Крива Паланка со прваче запишано во тековната учебна година, 2025/26, и годинава добија по 3.000 денари од ооштината, како мерка за поддршка на млади.
Крива Паланка, 6 ноември 2025 (МИА) – Сите семејства од Крива Паланка со прваче запишано во тековната учебна година, 2025/26, и годинава добија по 3.000 денари од ооштината, како мерка за поддршка на млади.
-Општина Крива Паланка ја реализираше исплатата од 3.000 денари за секое прваче во основните училишта во општината, мерка што успешно се спроведува четврта година по ред и претставува симболичен, но искрен гест на поддршка и охрабрување за најмладите ученици и нивните семејства во периодот кога започнуваат едно од најважните животни патувања, образованието. Мерката носи една искрена порака до семејствата, дека секое дете е нашата највредна инвестиција и најубава надеж за иднината. Со оваа поддршка, Општината им посакува на сите првачиња успешни училишни денови и среќно и радосно детство, исполнето со љубопитност, љубов кон знаењето и гордост што растат во Крива Паланка – општина која ги поддржува младите, им верува и гради подобра иднина за нив и нивните семејства, посочува службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка.
Оваа учебна година во двете основни училишта во Крива Паланка, ООУ „Илинден“ и ООУ „Свети Јоаким Крчовски“, запишани се вкупно 120 првачиња.
Покрај оваа мерка, како дел од програмата за поддршка на младите, повторно беа набавени бесплатни училишни унифомри за сите ученици од градот, за општината втора година по ред ја реализира и мерката за финансиска поддршка, по 2000 денари месечно, девет месеци во текот на учебната година, за сите средношколци од прва година кои учат во СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, како стимулативна мерка за задржување на младите во градот.ид/
Фото: Општина Крива Паланка