Општина Дебар на вториот повик за добивање средства од унгарскиот кредит ќе аплицира со 27 проекти
- Општина Дебар на вториот повик од владиниот проект „100 милиони евра за општините“ ќе аплицира со 27 проекти, потврди за МИА, градоначалникот Хекуран Дука.

Дебар, 12 февруари 2025 (МИА) - Општина Дебар на вториот повик од владиниот проект „100 милиони евра за општините“ ќе аплицира со 27 проекти, потврди за МИА, градоначалникот Хекуран Дука.
-Проектите се подготвени и истите се во вредност од 131.649.580 денари. Се однесуваат главно за патна инфраструктура и водоводна мрежа. Како што е најевно повикот ќе биде објавен деновиве и оптимист сум дека ќе ни бидат прифатени сите доставени проекти, додаде Дука.
Во исто време искажува задоволство од прифатените проекти од првиот повик, кога општината доби 700 илјади евра, кои, како што рече се веќе во општинската каса и се објавени тендери, по што по изборот на најповолните понудувачи, ќе се отпочне со реализација.
- На првиот повик поднесовме четири пријави а се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура во градот односно целосна реконструкција на три локални улици во градот и изградба на водовод во најголемото село во нашата општина, селото Могорче. Целосно ни се одобрени три проекти, додека едниот е со кофинансирање, посочи тој.
Дообјаснува дека целосна поддршка е добиена за реконструкција на улица „Миѓени“ (поранешна ЈНА), улицата „Петрит Бомова“ (Здравко Чочковски), како и изградбата на водовод за селото Могорче, каде живеат над две илјади жители. Целосната реконструкција на улицата „Сабри Карамети“ (поранешна Петре Поповски) ќе се реализира со кофинансирање.
Според Дука, во меѓувреме се реализираат и други проекти, зашто, како што вели, жителите на општината, заслужуваат подобри услови во секоја сфера. вт/дма/
Фото: МИА