Онлајн состанок на пратеничките групи за соработка меѓу парламентите на Северна Македонија и Украина
- СООПШТЕНИЕ: Пратеничката Ивана Василевска, претседателка на ПГ за соработка со парламентот на Украина, како што информираат од собраниската прес-служба, истакнала дека македонското Собрание е силно поврзано со украинскиот парламент, со желба за понатамошно динамизирање на соработката со несмален интензитет.

Скопје, 12 февруари 2025 (МИА) - Членови на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со украинската Врховна рада остварија онлајн состанок со своите колеги од Украина, при што беа повторени заложбите за понатамошно јакнење на поддршката и на соработката меѓу двете земји, во пресрет на тригодишнината од почетокот на руската агресија.
Пратеничката Ивана Василевска, претседателка на ПГ за соработка со парламентот на Украина, како што информираат од собраниската прес-служба, истакнала дека македонското Собрание е силно поврзано со украинскиот парламент, со желба за понатамошно динамизирање на соработката со несмален интензитет.
Василевска посочи дека во изминатите години сме сведоци на воени дејствија на европско тло и изрази уверување за средба во живо со украинските колеги во, како што рече, слободна Украина.
Копретседавачот на Групата за меѓупарламентарни односи со Република Северна Македонија во Врховната Рада на Украина, Валериј Зуб и во оваа прилика изрази благодарност за солидарност од македонска страна, посочувајќи дека тоа е од големо значење за украинскиот народ во соочувањето со инвазијата од Русија.
На онлајн состанокот се обратила и пратеничката Славјанка Петровска, посочувајќи дека верува во слобода и во демократија, како и во правото на секој народ да го одбере својот пат.
Потпретседателот на Собранието Јован Митрески, пак, истакнал дека во македонското Собрание, и покрај промените на улогите по изборите минатата година, како и покрај разликите меѓу политичките сили за многу прашања, има мошне широк консензус во однос на поддршката на Украина наспрото руската агресија. аа/мд/
Фото: Собрание на РСМ