• петок, 05 декември 2025

ОИК Куманово ги додели уверенијата на градоначалникот Димитриевски и на 31 советник

ОИК Куманово ги додели уверенијата на градоначалникот Димитриевски и на 31 советник

Куманово, 10 ноември 2025 (МИА) - Општинската изборна комисија денеска ги врачи уверенијата на градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски како и на 31 советник од Куманово. На свеченост во општинската зграда уверенијата ги зедоа седум советника од ЗНАМ, шест од ВМРО-ДПМНЕ, пет од коалицијата НАИ, четворица од СДСМ, тројца од ДПСМ, тројца од ВРЕДИ, двајца од независното движење „Ред за Куманово“ и еден советник од Левица.

- Има одредени измени, поради судри на интереси на местото на Иван Стоиљковиќ од ДПСМ, влегува нареден советник Срѓан Ѓорѓевиќ. На сите советници и на градоначалникот им посакувам успешна работа, да креираат програми во интерес на кумановци, изјави претседателката на ОИК, Кристина Цветковска.

Градоначалникот Максим Димитриевски во изјавата за медиумите се заблагодари на поддршката на граѓаните и на кумановци кои не гласале за него, истакнувајќи дека ќе ги увери со реализираните проекти во овој мандат. Тој им честиташе на советниците и посака успешна работа.

- Целта е заедничка, раст и развој на Куманово и негова трансформација во модерен и европски град, изјави Димитриевски.

Градоначалникот очекува наскоро да се одржи конститутивна седница, според деловникот од пет до седум дена.

- Јас им посакувам што поскоро, бидејќи во Куманово неопходни се одлуките на претставничкиот орган, да се приспособи буџетот до крајот на годината. Во ноември, почнуваат и подготовките за следниот буџет, изјави Димитриевски.

Мнозинството коешто функционира на централно ниво ќе се преслика и на општинско.

- Немаме никакви договори по однос на распределите на места во предизборниот период, имаше отворени поддршки и на ЗНАМ и на ВРЕДИ и обратно, јас ја добив поддршката од нив. Кој ќе биде претседател на советот ќе видиме на самата седница, изјави Димитриевски.

Годинава, токму поради изборите по втор пат се случува да не може да се доделат „ноемвриските награди“. Димитриевски, утре на свечена седница ќе додели благодарници на поединци, организации, претпријатија кои поднеле апликација за наградата. Тој ги покани кумановци вечерва и покрај дождливото време да присуствуваат на градскиот плоштад и да ги проследат настапите на македонските музички ѕвезди во предвечерието на денот на ослободување на Куманово. ам/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан