Одржана првата форумска сесија за креирањето на Буџетот на Општина Берово за 2026 година
- Во присуство на голем број граѓани, претставници на институции и организации денеска во Берово се одржа првата форумска сесија на која официјално почна процесот на креирање на Буџетот на Општина Берово за 2026 година.
Берово, 19 ноември 2025 (МИА) - Во присуство на голем број граѓани, претставници на институции и организации денеска во Берово се одржа првата форумска сесија на која официјално почна процесот на креирање на Буџетот на Општина Берово за 2026 година.
Сесијата се одржа во конструктивна атмосфера, а со пригодно обраќање се претстави градоначалникот Петар Ружински, кој ја нагласи важноста на ваквите настани како можност за заедничко донесување одлуки и развивање локални политики во партнерство со граѓаните.
Учесниците активно земаа учество во дискусијата и предложија голем број проекти и идеи насочени кон унапредување на инфраструктурата, уредување на јавните простори, развој на спортот и културата, зајакнување на социјалните услуги, подобрување на противпожарната заштита и други приоритети значајни за локалната заедница.

-Сите доставени предлози беа детално евидентирани и ќе бидат разгледани од работно тело формирано специјално за таа цел. Во периодот меѓу двете сесии, телото ќе ги анализира можностите за реализација на секој предлог, по што проектите без пречки ќе бидат вметнати во програмите за работа во 2026 година, рече Ружински.
Општината оцени дека одржаната форумска сесија претставува значаен чекор кон зголемување на транспарентноста и вклученоста на јавноста во процесите на донесување одлуки. Локалната самоуправа најави продолжување на праксата за активно вклучување на жителите во креирањето на развојните политики.
Сесијата се одржа во рамки на програмата „Форуми во заедницата“, која обезбедува платформа за партиципативен развој и има за цел зајакнување на доброто владеење, отчетноста и демократските практики на локално ниво. вс/мд/
Фото: МИА