• петок, 05 декември 2025

Одбележан споменот на свети Георгиј Победоносец во долнореканското село Велебрдо

Одбележан споменот на свети Георгиј Победоносец во долнореканското село Велебрдо

Дебар, 17 ноември 2025 (МИА) - Во црквата посветена на славниот великомаченик Георгиј Победоносец во долнореканското село Велебрдо, Општина Маврово и Ростуше, по повеќе години за првпат беше отслужена Света Литургија.

Како што информираше јеромонах Кирил за МИА, во селото Велебрдо некогаш живееле многу православни семејства, а сега само неколку, но, сепак, вели, на вчерашната литургија присуствуваа голем број верници кои потекнуваат од ова село.

– Со благослов на нашиот старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, светата Литургија ја отслужи нашиот собрат, јеромонахот Ефросиниј. Прекрасно беше да се види овој преродбенски храм оживеан со молитвата и присуството на бројни жители по потекло од Велебрдо и поширокиот предел на Река – чеда кои со носталгија и љубов се собираа околу својот духовен корен, вели јеромонах  Кирил.

Додаде дека овој молитвен настан, толку значаен за селото и за неговата историја, бил овозможен по неколку дена интензивна работа од страна  братството за расчистување на храмот, кој, за жал, се наоѓа во многу лоша состојба. 

– Глетката на распукани ѕидови, опустени икони и црковни садови и одронетата внатрешност сведочи за долгогодишно запуштање. Постојната состојба е навистина сериозна: доколку во најскоро време не се преземат стручни мерки за конзервација и заштита, постои реална опасност овој некогаш прекрасен преродбенски храм – дом на многу крштевки, венчавки, спомени и молитви – трајно да пропадне, рече јеремонах Кирил.

Но, вели, и покрај раните на времето храмот повторно блеснал во духовна светлина.

– Молитвата вчера ги исполни неговите осветени ѕидови, и како некогаш, се разлеа тивка надеж дека со Божја помош, со љубовта на народот и со соодветна грижа од надлежните институции, ова свето место ќе стане повторно дом на заедничката молитва и благодат, посочи јеромонах  Кирил. вт/ра 

Фото: Бигорски манастир

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан