Објавено специјално издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на англиски јазик
- По повод двегодишнината од ненадејната смрт на доајенот на македонското радио-спикерство, новинар и публицист Искра Чоловиќ, деновиве од печат излезе „The Swan Song of the Prisoner of the Wind”, специјално издание на англиски јазик на книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај) на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, поранешни новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти.
Скопје, 25 декември 2025 (МИА) - По повод двегодишнината од ненадејната смрт на доајенот на македонското радио-спикерство, новинар и публицист Искра Чоловиќ, деновиве од печат излезе „The Swan Song of the Prisoner of the Wind”, специјално издание на англиски јазик на книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај) на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, поранешни новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти.
Книгата на англиски јазик ја преведе д-р Александар Сандевски, доктор по медицина и поет, а како нејзин уредник и приредувач се јавува поранешниот словенечки амбасадор во нашава земја, дипломат, универзитетски професор, писател и поет Милан Јазбец.
„The Swan Song of the Prisoner of the Wind“ се појавува по специјалните изданија на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на македонски и на српски јазик, како и на двојното аудио ЦД „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, кои беа посветени на 90-годишнината од раѓањето на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај (1934–1963) и на годишнината од ненадејната смрт на Искра Чоловиќ (1960–2023).
Искра Чоловиќ и Свето Стаменов со книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, која првпат беше објавена во 2016 година и која на српски јазик беше објавена во 2019 година, во превод на Снежана Алексиќ Станојловиќ, всушност го започнаа серијалот на изданија посветени на Даница Ручигај во кој наредните години се наредија: „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2016), „Недореченост, о проклета да си“ – антологија на песни посветени на Даница Ручигај (2018), „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ – аудио-издание (2018), „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (2019), „Даница Ручигај – Песна над песните“ (2020), „Даница Ручигај и книжевната критика“ (2021), „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“, јубилејно издание по повод шеесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса Даница Ручигај (2023) и „Сребрне ноћне игре и Заробљеници ветра“, јубиларно издање поводом шездесетогодишњице од трагичне смрти прве македонске песникиње Данице Ручигај (2023).
„Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ е своевидна книга – потомок или, подобро кажано, концентрат на мега-проектот – серијалот од пет специјални едночасовни радио-емисии „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“, кој беше посветен на педесетгодишнината од трагичната смрт на првата дама на македонската поезија и литература воопшто Даница Ручигај и скопскиот катастрофален земјотрес и кој беше емитуван на програмата на Македонското радио – Радио Скопје во текот на јули и август 2013 година. Поконкретно, оваа книга е своевиден аудио-книжевен проект, есенција за најважното, најскапоценото, но и најсетното од животописот, но и поетопис за најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај, која остави длабоки и неизбришливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура воопшто.
Книгата има авторски текст – коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, избрани стихови од двете нејзини антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“ и автентични искажувања на петнаесетина нејзини современици, пријатели и следбеници: м-р Златица Поповиќ Ручигај, Евгенија Шуплинова, Иван Чаповски, Михо Атанасовски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Коле Чашуле, Светлана Христова Јоциќ, Звонко Стојановиќ, Људмил Спасов, Кристина Николовска, Васил Тоциновски, Александар Прокопиев и Ирена Павлова де Одорико.
Ова специјално издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на англиски јазик, покрај воведните текстови на уредникот и приредувачот проф. д-р Милан Јазбец и на преведувачот д-р Александар Сандевски, е збогатено со пригодни текстови на проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Кристина Николовска и проф. д-р Димитар Пандев. мд/
Фото: Корица на книгата