• петок, 05 декември 2025

Објавена „Домовница“ – новото дело на проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ за историјата и идентитетот на Бихор

Објавена „Домовница“ – новото дело на проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ за историјата и идентитетот на Бихор

Скопје, 16 ноември 2025 (МИА) - Новата книга на проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ „Домовница“ (Книга 1, Том 1) е објавена деновове во издание на ДИВАН. Станува збор за обемно научно дело кое носи значајни податоци за историјата, демографијата и идентитетот на населението од Горен Бихор, Црна Гора. Книгата е уредена од авторот, а рецензенти се проф. д-р Лидија Ѓурковска, проф. д-р Драшко Дошљак и д-р Саит Шаботиќ.

Авторот во предговорот истакнува дека истражувањето започнало уште во 2015 година, на научниот собир во Петњица, откако во Петњичката џамија ги нашол и проучил двете матични книги (Домовници) од периодот на Кралството СХС/Југославија. -Сметајќи дека секој лист, секое напишано слово е дел од нас и нашето наследство, одлучив да направам соодветна анализа на податоците од овие книги, наведува Рамчиловиќ, нагласувајќи го значењето на нивната дигитализација и заштита.

Објавувањето на книгата е кофинансирано од Министерството за дијаспора на Црна Гора, кое го препознало значењето на овој проект за зачувување на културниот и националниот идентитет на населението со потекло од Бихор. Во Северна Македонија денес живеат голем број лица чии корени водат токму од овој дел на Црна Гора, па издавањето на „Домовница“ во Скопје претставува и симбол на зајакнување на културните и духовните врски меѓу двете држави.

Во својата рецензија, проф. д-р Драшко Дошљак нагласува дека „Домовница“ претставува драгоцен извор за проучување на идентитетот, личните имиња и презимиња, кои се значаен културен и историски маркер и носители на колективната меморија на заедницата. Изданието, според него, нуди нов материјал за идни историски, демографски и ономастички истражувања.

Проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ е роден во 1975 година во Долно Коњаре, Скопје, каде и денес живее. Тој е научен советник во Институтот за национална историја и автор на повеќе од педесет научни трудови и девет книги. Во својата кариера бил и  пратеник во два мандати и потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, како и амбасадор на Северна Македонија во Црна Гора до 2025 година, по што се враќа во својата матична институција – Институтот за национална историја, и продолжува со научноистражувачката работа. дма/мч/

Фото:Илустрација

Остани поврзан