Објавен прирачник „Креативност во работа со деца“
- „Креативност во работа со деца“ преку интересни примери ќе им покаже како да го поттикнат љубопитниот дух кај децата, да им ги развијат емоционалната интелигенција и когнитивните способности за да изградат самодоверба и автентичност и да ги подготват младите за светот во кој ќе биде потребно да се изразат.
Скопје, 7 ноември 2025 (МИА) - Практичен прирачник за воспитување на децата преку негување на нивната имагинација, насловен „Креативност во работа со деца“, објави издавачката куќа ТРИ.
Авторки на прирачникот се Софија Георгиевска, Фросина Денкова Зафировска и Виолета Арнаудова кои, како што наведува ТРИ, „создадоа водич што ќе им помогне на родителите, професионалците и наставниците да станат сојузници во детското истражување, во играта и изразувањето“.
-Во време кога алгоритмите го диктираат темпото на учење, креативноста станува повеќе од алатка. Таа е пат кон развој на флексибилно, емпатично и критичко размислување. Ваквите практични водичи се највредни кога доаѓаат од домашни автори. Тие ги познаваат контекстот, културата и начинот на кој размислуваат децата и родителите. Користејќи ги овие сознанија, како и своето професионално искуство, овие авторки со богато портфолио навистина создадоа значајна книга што е наменета за секој кој работи со деца, се наведува во соопштението.
„Креативност во работа со деца“ преку интересни примери ќе им покаже како да го поттикнат љубопитниот дух кај децата, да им ги развијат емоционалната интелигенција и когнитивните способности за да изградат самодоверба и автентичност и да ги подготват младите за светот во кој ќе биде потребно да се изразат.
Прирачникот е достапен во сите книжарници на ТРИ и онлајн на kniga.mk хс/дма/
Фото: Издавачки центар ТРИ