Обновени фискултурната и свечената сала во ОУ „Димитар Миладинов“ во Општина Центар
- Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изврши увид во целосно обновените простории во ООУ „Димитар Миладинов“, свечената и фискултурната сала.
Скопје, 4 ноември 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изврши увид во целосно обновените простории во ООУ „Димитар Миладинов“, свечената и фискултурната сала.
Како што соопшти Општина Центар, реконструиран е подот на фискултурната сала, поставен е нов паркет, обновени се ѕидовите и покривната внатрешна површина, поставени се нови прозорци, обележан е спортскиот терен, а ставено е и ново енергетски ефикасно осветлување.

Во свечената сала, на површина од 300 квадратни метри, посочува Општината, саниран е паркетот, ламинатот на бината е заменет со паркет и поставени се нови скали. Реконструирани се ѕидовите и се поставени и четири нови прозорци. Вградено е енергетски ефикасно осветлување.
-Создаваме современи и безбедни простори за настава, спорт и рекреација. Реконструкцијата на фискултурната сала е поттик за младите да бидат физички активни, што е важно за нивниот развој, истакна Герасимовски.
Во новата програма се предвидува и реконструкција на базенот во училиштето, со што ќе се подобрат условите за спорт. хс/са/
Фото: Општина Центар