• вторник, 30 декември 2025

Нетанјаху: Можен е договор со Сирија, очекуваме демилитаризирана зона

Нетанјаху: Можен е договор со Сирија, очекуваме демилитаризирана зона

Тел Авив, 2 декември 2025 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека е можно постигнување договор со Сирија и оти очекува сириските власти да воспостават демилитаризирана тампон-зона од Дамаск до планината Хермон и околните подрачја.

Американскиот претседател Доналд Трамп, чија администрација посредува за можен договор за ненапаѓање меѓу двете земји, вчера истакна дека е клучно Израел да одржи „силен и искрен дијалог“ со Дамаск.

Сирија формално не го признава Израел, кој ја окупираше Голанската висорамнина во 1967 година и подоцна ја анектираше – чекор признаен само од САД.

- Очекуваме воспоставување демилитаризирана зона од Дамаск до тампон-подрачјата, вклучувајќи ги приодите кон планината Хермон, изјави Нетанјаху за време на посетата на ранети војници во централниот дел на Израел.

Тој додаде дека Израел ги држи тие подрачја за да ја гарантира безбедноста на своите граѓани. - Тоа е наша обврска, рече премиерот.

- Со добра волја и разбирање на овие принципи, возможно е да се постигне договор со Сиријците, но ние во секој случај ќе останеме верни на нашите позиции, нагласи Нетанјаху.

Трамп го поддржува новиот сириски лидер Ахмед ал-Шара, додека Израел изразува загриженост поради неговите претходни врски со исламистички групи, иако тој се приклучи на напорите за постигнување договор.

Минатиот петок, во израелски напад во јужна Сирија загинаа 13 Сиријци, јавија сириските државни медиуми. Израелската армија соопшти дека цел била група поврзана со либански исламистички милитантни структури. ссм/ми/

фото: архива

Остани поврзан