Национален ден на жалост во Швајцарија по трагичниот пожар во Кран-Монтана
- Во швајцарскиот град Мартињи денеска беше одржана комеморација за жртвите од пожарот во бар во Кран-Монтана. Швајцарскиот претседател Ги Пармелен, по повод националниот Ден на жалост, порача дека земјата мора да извлече поуки од смртоносната трагедија.
Цирих, 9 јануари 2026 (МИА) - Во швајцарскиот град Мартињи денеска беше одржана комеморација за жртвите од пожарот во бар во Кран-Монтана. Швајцарскиот претседател Ги Пармелен, по повод националниот Ден на жалост, порача дека земјата мора да извлече поуки од смртоносната трагедија.
Властите на кантонот најавија итни и построги безбедносни мерки, меѓу кои и забрана за употреба на пиротехника во барови, ресторани и ноќни клубови.
На комеморацијата присуствуваа претседателот на Швајцарија Ги Пармелен и државниот врв на земјата, како и претставници од повеќе од 30 држави, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот претседател Серџо Матарела и други европски официјални лица, главно од земји чии државјани настрадаа во пожарот.

Точно во 14 часот, на почетокот на комеморацијата, се огласија црковните ѕвона низ цела Швајцарија, а истовремено во земјата беше одржана и минута молк.
Комеморацијата првично беше планирана да се одржи во црква во Кран-Монтана, но поради лошите временски услови беше преместена во Мартињи, кој исто така се наоѓа во кантонот Вале. Програмата на церемонијата вклучуваше обраќања на официјални лица и пригоден музички дел.
Во главниот град Берн, знамињата на сите владини објекти беа спуштени на половина копје, а истото го направи и Канцеларијата на Обединетите нации во Женева.
Претходно, во обраќање до нацијата, претседателот Пармелен изрази сочувство до семејствата на жртвите и нагласи дека Швајцарија има обврска да спречи повторување на слична катастрофа, пренесе „Свис инфо“.
Им должиме на погодените, на нивните семејства и најблиски почит, сеќавање и обврска да направиме сѐ што можеме за да се осигураме дека ваква катастрофа нема да се повтори, изјави Пармелен.

Тој додаде дека властите истражуваат до кој степен биле занемарени безбедносните прописи и дека одговорните ќе сносат последици. Воедно им оддаде признание на сите кои учествувале во спасувачките и хуманитарните активности, нагласувајќи дека ниту една земја не може сама да се справи со ваква трагедија.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој присуствуваше на комеморацијата, положи венец во спомен на жртвите.

„Во сеќавање на жртвите од пожарот во Кран-Монтана, меѓу кои и девет наши сограѓани. До ожалостените семејства, со кои ја споделуваме болката и тагата. До повредените, на кои им упатуваме братски мисли и солидарност“, напиша Макрон на социјалната мрежа Икс.
Во пожарот, што избувна во новогодишната ноќ во бар во Кран-Монтана, загинаа 40 лица, а 116 беа повредени, што предизвика бран повици за итно заострување на безбедносните стандарди.
Во тој контекст, кантоналната влада соопшти дека воведува забрана за употреба на пиротехнички средства во сите објекти што подлежат на законот за угостителство, вклучително барови, ноќни клубови и ресторани. Најавено е и засилување на контролите во околу 4.000 угостителски и забавни објекти низ целиот кантон.
„Целта е да се смири населението и да се одговори на бројните прашања што се појавија по трагедијата“, се наведува во соопштението.

Во меѓувреме, сопствениците на популарниот бар „Констелацион“ во Кран-Монтана, Жак и Џесика Морети, денеска по првпат се појавија пред истражен судија во Сион како осомничени за пожарот од 1 јануари, во кој загинаа 40 лица, меѓу кои и 21 малолетник. Тие дадоа изјави во канцеларијата на Министерството за правда на кантонот Вале, во придружба на тројца адвокати. По сослушувањето, судот им одреди притвор, пренесува швајцарскиот портал „24 heures“. ссм/ми/
фото: ЕПА