Летонија бара итна седница на Советот за безбедност на ОН по рускиот напад со „Орешник“
- Летонија ќе побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации како одговор на најновите тешки напади на Русија врз Украина, соопшти денеска летонската министерка за надворешни работи Баиба Браже.
Рига, 9 јануари 2026 (МИА) – Летонија ќе побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации како одговор на најновите тешки напади на Русија врз Украина, соопшти денеска летонската министерка за надворешни работи Баиба Браже.
Реакцијата на Рига доаѓа откако Русија изврши нови масовни воздушни напади, при што по вторпат ја употреби својата нова балистичка ракета со среден дострел „Орешник“, таргетирајќи го градот Лавов, кој се наоѓа во непосредна близина на границата со Полска.
„Летонија ќе побара вонреден состанок на Советот за безбедност на ОН како одговор на варварскиот напад на Русија против Украина, вклучително и употребата на балистичка ракета со среден дострел во близина на границата со ЕУ и НАТО“, напиша Браже на платформата Икс.
Летонија од 1 јануари годинава по првпат е во својство на непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, со мандат од две години. Како членка на ЕУ и НАТО која граничи со Русија, Летонија се смета за еден од најблиските партнери и поддржувачи на Украина во нејзината одбрана од руската инвазија, која трае речиси четири години. ссм/
фото: ДПА