• сабота, 10 јануари 2026

Меркосур и ЕУ ќе го потпишат трговскиот договор на 17 јануари

Меркосур и ЕУ ќе го потпишат трговскиот договор на 17 јануари

Буенос Аирес, 9 јануари 2026 (МИА) - Политичко-економскиот блок на јужноамерикански земји Меркосур ќе го потпише долго одложуваниот договор за слободна трговија со Европската Унија на 17 јануари во Парагвај, соопшти денеска аргентинското Министерство за надворешни работи. По повеќе од 30 години преговори, на тој датум ќе биде потпишан „историски и најамбициозен договор меѓу двата блока“.

Земјите членки на ЕУ денеска потврдија дека големо мнозинство го поддржува договорот за слободна трговија со Меркосур. Престолнините имаа рок до 17 часот по бриселско време писмено да ги потврдат своите гласови, откако амбасадорите на 27-те членки неколку часа претходно сигнализираа поддршка за потпишувањето.

Станува збор за најголемиот трговски договор што Европската Унија го има склучено досега, иако за да стапи во сила ќе биде потребно и одобрување од Европскиот парламент.

Меркосур, што е кратенка за Јужен заеднички пазар, е основан како регионален трговски договор во 1991 година од страна на Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај.

Во изминатите недели, во повеќе земји членки на ЕУ се одржаа протести на земјоделци, кои побараа подобра заштита на своите производи и на европскиот пазар поради намерата на Унијата да постигне договор со овој блок.

Одделно, земјите членки на Европската Унија денеска официјално го одобрија потпишувањето на договорот за слободна трговија со Меркосур, соопшти Кипар, кој претседава со ротирачкото претседателство на ЕУ.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта ја поздрави одлуката, оценувајќи дека договорот носи конкретни придобивки за европските потрошувачи и компании. Во објава на социјалната мрежа Икс, Кошта наведе дека договорот е важен за суверенитетот и стратешката автономија на ЕУ, бидејќи ѝ овозможува на Унијата да ја обликува глобалната економија.

„Ги зајакнува правата на работниците, заштитата на животната средина и заштитните мерки за европските земјоделци. Покажува дека трговските партнерства засновани на правила се добивка за двете страни“, истакна Кошта.

Според дипломатски извор од ЕУ, 21 земја членка гласала за одобрување на договорот, додека Австрија, Франција, Унгарија, Ирска и Полска биле против, а Белгија се воздржала. За одобрување беа потребни најмалку 15 земји што претставуваат 65 отсто од населението на ЕУ.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздрави гласањето како „пресвртница“, оценувајќи дека договорот ќе биде добар за Германија и за Европа, но додаде дека 25 години преговори се предолго и дека идните трговски договори мора да се склучуваат побрзо. Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва го оцени одобрувањето како „историски ден за мултилатерализмот“.

Одобрувањето ѝ го отвора патот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен да го потпише договорот со членките на Меркосур – Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај – во Асунсион, а аргентинското Министерство за надворешни работи соопшти дека церемонијата ќе се одржи на 17 јануари.

Пред стапувањето во сила, договорот ќе мора да биде одобрен и од Европскиот парламент. За да ги придобие скептичните земји, Европската комисија воведе заштитни мерки што овозможуваат суспензија на увозот на чувствителни земјоделски производи, ја зајакна контролата на увозот, формираше кризен фонд и најави дополнителна поддршка за земјоделците.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони оцени дека постигнатата рамнотежа е одржлива, додека во Франција крајно леви и десни партии најавија политички чекори против договорот. Француската министерка за земјоделство Ани Женевар изјави дека битката не е завршена и дека ќе се залага договорот да биде одбиен во Европскиот парламент, каде што гласањето, според проценките, би можело да биде тесно. ссм/

фото: архива

Остани поврзан