Над 40 протести и зајакнати безбедносни мерки за време на Минхенската безбедносна конференција
- Германската полиција соопшти дека околу 40 демонстрации ќе се одржат викендов, за време на Минхенската безбедносна конференција – годишен собир на светски лидери и експерти за одбрана, јави ДПА.

Берлин, 12 февруари 2025 (МИА) - Германската полиција соопшти дека околу 40 демонстрации ќе се одржат викендов, за време на Минхенската безбедносна конференција – годишен собир на светски лидери и експерти за одбрана, јави ДПА.
- Ова е најголем број протести во изминатиот период, изјави Кристијан Хубер од минхенската полиција.
Тој истакна дека „актуелната политичка ситуација“ и претстојните избори во Германија на 23 февруари веројатно придонесуваат за големиот број демонстрации, покрај тоа што самата конференција традиционално привлекува протести.
Конференцијата почнува в петок, но најголем дел од протестите се закажани за сабота.
Организацијата „Сојуз за акција против НАТО безбедносната конференција“ најави протест со околу 1.500 учесници, при што нивниот марш ќе мине покрај културната институција „Америка Хаус“ и израелскиот конзулат. Меѓу говорниците е поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис, а се очекува учество и на пропалестински групи.
На конференцијата ќе присуствуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски, американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс и државниот секретар Марко Рубио.
Регионот околу хотелот „Баеришер Хоф“, каде што ќе се одржи форумот, ќе биде под засилено полициско обезбедување, со забрана за летање над градот, вклучително и за дронови.
Според Хубер, за време на тридневната конференција ќе бидат распоредени околу 5.000 полицајци од цела Германија и Австрија.
Во изминатите години Минхенската безбедносна конференција беше повод за протести против војните, трошоците за одбрана, пандемијата, екстремно десничарските движења и милитантните ирански фракции. ссм/
фото: ДПА