Муртезани на средба во грчкиот Парламент: Продлабочување на партнерството преку конструктивен пристап
- Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во рамките на работната посета на Атина, имаше средба и со потпретседателот на грчкиот Парламент и претседател на Комисијата за европски прашања, Јоанис Плакиотакис, информираат од Министерството за европски прашања.

Скопје, 7 февруари 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во рамките на работната посета на Атина, имаше средба и со потпретседателот на грчкиот Парламент и претседател на Комисијата за европски прашања, Јоанис Плакиотакис, информираат од Министерството за европски прашања.
На средбата била истакната важноста на парламентарната дипломатија како значаен инструмент за продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција. Во тој контекст, била разгледана можноста за зајакнување на комуникацијата меѓу законодавните домови на Северна Македонија и Грција, како дел од заедничките напори за продлабочување на добрососедските односи.
-Муртезани и Плакиотакис се осврнаа на европското досие на Северна Македонија и политиката на проширување на Европската Унија. Министерот Муртезани ја истакна важноста на одржувањето на кредибилноста на пристапниот процес, особено во светло на предизвиците што земјата ги надминува во напредокот кон следната фаза од преговорите. Се дискутираше и за Планот за раст за Западен Балкан, при што соговорниците ја истакнаа важноста на механизмите за побрза економска конвергенција на регионот со Унијата. Од македонска страна беше изразен интерес за унапредување на соработката со Грција во рамките на планот, особено во делот на инфраструктурното поврзување и енергетската безбедност, се вели во соопштението од Министерството.
Во текот на средбата биле разменети мислења и за билатералните процеси што се предмет на парламентарна процедура, при што била потенцирана важноста на исполнувањето на преземените обврски како начин за натамошно јакнење на довербата и динамиката на соработката. Двете страни се согласиле дека конструктивниот пристап и инклузивниот политички дијалог остануваат клучни во натамошното продлабочување на партнерството. сст/аа/
фото Министерство за европски прашања