Мордиско се закани со попречување на претседателските избори во Колумбија
- Најбараниот водач на вооружена група во Колумбија, познат како Иван Мордиско преку видеопорака се закани дека ќе го наруши спроведувањето на претседателски избори, што се предвидени во 2026 година, поради нападите врз неговата група
Богота, 19 ноември 2025 (МИА) – Најбараниот водач на вооружена група во Колумбија, познат како Иван Мордиско преку видеопорака се закани дека ќе го наруши спроведувањето на претседателски избори, што се предвидени во 2026 година, поради нападите врз неговата група.
Под притисок на САД, кои бараат порешителни акции против трговијата со дрога, претседателот на Колумбија, Густаво Петро ја засили офанзивата против вооружените групи. Во минатонеделните напади загинаа најмалку 28 луѓе, меѓу кои и малолетни лица.
Мордиско, бегалец и лидер на дисидентска фракција на поранешната герилска група Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК), нападите ги оцени како „објавување на војна“ од страна на Петро.
Колумбиската Влада нуди награда од еден милион долари за Мордиско, чија дисидентска фракција го отфрла мировниот договор од 2016 година што доведе до разоружување на поранешната ФАРК. Таа го контролира производството на кокаин во неколку региони на земјата и редовно организира смртоносни бомбашки напади.
Според Петро, во убиството на опозицискиот сенатор Мигел Урибе, кој почина во август по два месеци поминати во болница вмешани се група трговци со дрога и водачи на вооружени групи, вклучително и Мордиско. ми/
фото: МИА архива