МНД-Битола го одбележа 11 февруари – Светски ден на жените и девојките во науката
- Македонско научно друштво (МНД)-Битола со јавна дебата го одбележа 11 февруари – Светски ден на жените и девојките во науката, востановен во 2015 година со одлука на Генералното собрание на Обединетите нации.

Битола, 11 февруари 2025 (МИА) - Македонско научно друштво (МНД)-Битола со јавна дебата го одбележа 11 февруари – Светски ден на жените и девојките во науката, востановен во 2015 година со одлука на Генералното собрание на Обединетите нации.
Во изјава за медиумите, претседателката на МНД-Битола, проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска истакна дека според податоци на Државниот завод за статистика во земјава има повеќе жени доктори на науки, односно 52,3 проценти се жени, а останатите се мажи.
-Непознато е колку од жените доктори на науки го нашле своето место во образование или други општествени науки и сфери. Непознато е колку жени активно ја користат својата диплома и се занимаваат со наука. Жената во поглед на мажот има многу поинаква улога во општеството, во семејството, потребно е да се даде поголема жртва и во таа смисла ако сакаме да кажеме за Македонија дека сме модерно општество и дека сме чекор во европските и светски вредности, сепак мислам дека во стварноста не е така. Една жена да се занимава со наука е потребна поддршка од семејството, мажот да ја поддржи жената, но на овие балкански простори тоа не е така прифатено, нагласи Андоновска Трајковска.
Според ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, Игор Неделковски, битолскиот Универзитет предничи со бројот на жени застапени во науката.
-Нашата земја освен што е блиску, туку и ги надминува повеќето високо развиени европски земји во процентот на жени застапени во науката. Во нашиот УКЛО-Битола, 60 проценти од наставно-научниот кадар се жени, а посебно е интересно што кај асистентите и доцентите овој процент е уште поголем. Ние според овој параметар освен што сме рамо до рамо со развиените земји, туку и предничиме, посочи ректорот Неделковски.
На јавната дебата во МНД-Битола беа презентирани информации за продонесот на жените и девојките во науката, за историското минато на градот, а меѓу другото беше посочен податокот за една од најуспешните жени, битолчанката Рајна Алексова (1883-1959), првата жена фармацевт во Македонија и на Балканот која дипломирала во Лозана, Швајцарија, во генерацијата 1902-1906 година и ја отворила првата аптека во Битола. мт/хс/
Фото: МИА