• сабота, 22 февруари 2025

Мицотакис: Се чини дека се отвора патот за зајакнување на европската одбрана

Мицотакис: Се чини дека се отвора патот за зајакнување на европската одбрана

Атина, 4 февруари 2025 (МИА) – Се чини дека се отвора патот за зајакнување на европската одбрана, со сè повеќе сили кои ја препознаваат неопходноста. Во неизвесен и нестабилен свет, Европа е повикана да го бара своето место во однос на безбедноста и напредокот, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Фејсбук, изразувајќи задоволство за ставот на претседателката на ЕК во однос на трошоците за одбраната, јави дописничката на МИА од Атина.

Во објавениот пост Мицотакис вели дека на враќање од Брисел, каде што разговарал со неговите европски колеги за начините за зајакнување на европската колективна одбрана, бил информиран за изјавите на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека „е подготвена да ги истражи начините за буџетска флексибилност, со цел да се зголемат трошоците за одбрана според новиот Пакт за стабилност на Унијата“.

- Неопходен е поширок фискален простор, кој ќе им овозможи на земјите-членки да трошат на нивната заштита без да ги доведуваат во прашање нивните економски перспективи. Сакаме силна Грција во Европа и силна Европа за Грција. Дојде време да дејствуваме, напиша Мицотакис.

Паралелно посочи дека лично тој бил еден од првите кој ја поддржа конкретната иницијатива и потсети како на вчерашната колумна за „Фајненшл тајмс“ каде што објасни дека е дојдено време за заедничка европска одбрана, така и на заедничкото писмо со Доналд Туск од мај 2024 година, „со барање да се финансира обединетиот штит за противвоздушна одбрана на нашиот континент“. ср/ссм/

Остани поврзан