• сабота, 10 јануари 2026

Мицкоски: Со измените на Кривичниот законик СДСM и ДУИ создадоа можност да се амнестираат самите, со што го контаминираа правосудството

Мицкоски: Со измените на Кривичниот законик СДСM и ДУИ создадоа можност да се амнестираат самите, со што го контаминираа правосудството

Скопје, 8 јануари 2026 (МИА) - Луѓето во правосудството, генерално, се чесни луѓе. Има мал дел што е контаминиран и кој, за жал, го контаминира целиот систем. Тоа се најчесто партиски послушници, кои се рецидив на поранешната влада на СДСМ и ДУИ и кои жестоко се борат за оние што ги поддржале да добијат некаква бенефиција, позиција итн., изјави синоќа премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

Мицкоски во интервју за ТВ „Алфа“ зборуваше за правосудството за што истакна дека правосудниот систем во земјата е во одреден дел контаминиран од страна на поранешната влада на СДСМ и ДУИ, особено во делот на измените на Кривичниот законик. Според него, некои лица од претходната власт може да се повикуваат на поповолни закони, што, како што вели тој, е најголемиот проблем затоа што создале правна основа за сопствена амнестија.

Според него, постојат два клучни момента што влијаеле на распадот на правдата, од кои првиот е изборот на судиите во парламентот во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во парламентарна опозиција, а вториот се измените во Кривичниот законик, што ги донесе владата на СДСМ и ДУИ.

- Првото е оној избор на судии во парламентот кога се избираа судиите во парламентот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во парламентарна опозиција, мислам дека беше во 1996 година. И второто е сега кога владата на СДСМ и ДУИ пред одење практично ги донесе измените во Кривичниот законик и кога избриша добар дел од членот 353, тој фамозен член 353, поради две причини - рече Мицкоски. 

Првата, како што додаде, „е за да се амнестираат себеси и втората причина е - мислеа дека на тој начин ќе амнестираат некого, кој ќе може во тоа време да нанесе штета на тогаш најсилната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ“.

- Успеаја во првиот дел од својата намера, во вториот дел не успеаја. ВМРО-ДПМНЕ денес е поголема од сите политички партии заедно - истакна Мицкоски. 

Според него, сите оние од претходната влада на СДСМ и ДУИ секогаш ќе се повикуваат на поповолниот закон.

- Тие секогаш ќе се повикуваат на поповолниот за нив закон, а за нив поповолен е овој моментниот кога е избришан член 353 став 5, кога други делови од Кривичниот законик се избришани. Секогаш ќе се повикуваат на тоа, без разлика каков закон од сега натаму ние ќе донесеме и од сега натаму какви измени ќе направиме. Сите оние од претходната влада кога ќе дојдат на судско рочиште, ќе речат - се повикувам јас на законот што беше од тогаш до тогаш бидејќи тоа е во тоа време. И тука е најголемиот проблем - посочи Мицкоски. ев/паг/

ФОТО: Архива 

 

Остани поврзан