• петок, 21 февруари 2025

Мицкоски: Потребни се објективни и непартиски членови во Судскиот совет

Мицкоски: Потребни се објективни и непартиски членови во Судскиот совет

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека е потребно формирање нов Судски совет кој ќе биде објективен и непартиски, за да се обезбеди правда и ред во системот. Во врска со најавата дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, Мицкоски рече дека според него, тоа е чекор кон длабоки реформи и ослободување на правосудниот систем од контроверзии и корупција.

- Ние не можеме да направиме целосно распуштање, ниту пак можеме за така кратко време да ги детектираме аномалиите. Но, можеме да избереме судски совет, којшто објективно без партиски стеги, без интереси, ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто носат такви одлуки, рече премиерот во изјава за медиуми пред денешниот брифинг со новинарите во Клуб на пратеници во Скопје.

Како што дополни, еден од начините е да им се изгласа интерпелација.

- Цениме дека треба да се удри во чело, да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти итн. Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции на, во случајот Парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет, таму каде што се бираат, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е тоа дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие можат да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет. Но во услови кога тој што те избрал, ти гласа повторно недоверба и ти продолжуваш да водиш инает, тоа не е добро, дополни премиерот.

Како што рече, во тој случај има други механизми, но, изрази надеж дека доколку парламентарците изгласаат недоверба или интерпелација на членовите на Судскиот совет, дека тие, како што рече, ќе бидат доблесни и дека ќе се повлечат.
Спроведување на коренити реформи во правосудството и распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, беше едно од ветувањата во предизборната програма и клучен приортитет на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.ар/лв/

фото:МИА 

Остани поврзан