• сабота, 22 февруари 2025

Министерство за јавна администрација: ДУИ шири лаги и ја дезинформира јавноста

Министерство за јавна администрација: ДУИ шири лаги и ја дезинформира јавноста

Скопје, 22 февруари 2025 (МИА) - Целосно се неточни и злобно конструирани со политичка заднина обвинувањата на ДУИ дека Државниот управен инспекторат утврдил злоупотреба на службената положба и одземал надлежности на министерот за животна средина Изет Меџити, соопшти Министерството за јавна администрација.

Министереството наведува дека Инспекторатот најостро ги демантира и отфрла како лаги и манипулации ваквите обвинувања од Демократската унија за интеграција.

- ДУИ како партија која повеќе од две децении ја држеше заробена администрацијата и систематски ја претвораше во алатка за партиски интереси, сега се обидува да манипулира со јавноста преку лаги и дезинформации. Државниот управен инспекторат нема ингеренции за одземање на надлежности на министри, ниту за водење истраги за корупција – тие се во доменот на правосудните органи, кои токму ДУИ ги блокираше со години за да се заштити од одговорност, соопшти Министерството за јавна администрација.

Она што навистина се случи, како што посочуваат од Министерството, е редовен инспекциски надзор во Управата за животна средина, спроведен согласно Годишниот план за работа за 2024 година. Овој надзор, како што појаснуваат во соопштението, се однесува исклучиво на почитувањето на законските процедури и нема никаква поврзаност со обвинувањата што ДУИ ги пласира.

-Очигледно е дека ДУИ, соочена со губење на влијанието и привилегиите што си ги создаде врз грбот на граѓаните, сега посегнува по очајни методи на политички спинови.Наместо да одговорат за сопствените злоупотреби и партизација на институциите, се обидуваат да ја префрлат вината врз оние што вистински работат на градење транспарентна и професионална администрација, се посочува во соопштението.

Од Министерството за јавна администрација, нагласуваат дека преку Државниот управен инспекторат, нема да дозволат политички структури да го злоупотребуваат системот за свои дневнополитички цели.

-Јавноста има право да знае дека оваа Влада се води од принципите на законитост и отчетност – нешто што ДУИ никогаш не можеше да го постигне додека беше на власт, велат од Министерството за јавна администрација.

Утрово ДУИ соопшти дека вицепремиерот Изет Меџити останува без надлежности во Министерството за животна средина. Како што информира, по контрола спроведена од Инспекторатот за администрација е потврдена злоупотреба на службената должност од страна на Меџити и неговиот Кабинет, а врз основа на решението на Инспекторатот за администрација со број 11-1653/2024 од 17.01.2025 година, Изет Меџити е целосно лишен од своите надлежности, кои се пренесени на Дирекцијата за животна средина. дма/мч/

Фото: МИА архива

Остани поврзан