МИА Општински пул
- МИА Општински пул
9 декември 2025
Кавадарци - Кавадарчанец со „мерцедес“ возел 96 километри на час на место каде ограничено е на четириесет.
Како што попладнево појаснија од Министерството за внатрешни работи, вчера во 17:25 часот на улица „Западен булевар“ во градот, полициски службеници од ОВР - Кавадарци го лишиле од слобода лицето М.М., на возраст од 42 години.
- При контрола на патниот сообраќај со радар, полициските службеници констатирале дека управувал патничко возило „мерцедес“ со кавадаречки регистарски ознаки со брзина од 96 километри на час на место каде максимално дозволената брзина е ограничена на 40 километри на час, информираа од МВР.
Штип - СКАДА системот на водоводната мрежа, продолжување на булевари, нови улици, делумна реконструкција на тврдината „Исар“, уредување на просторот кај бања Кежовица се капиталните проекти кои ќе се реализираат од 2026 до 2028 година во Штип. Советниците во Советот на Општина Штип на денешната четврта седница изгласаа План и Програми за развој на Општина Штип во период од 2026-2028 година.
Ивана Трендафилова од Секторот за финансии во Општина Штип презентираше дека дел од финансирањето на проектите, кои почнаа да се реализираат во тековната година ќе биде финансирани и наредната година и се дел од развојната Програма на Штип во периодот до 2028 година.
-Се работи за проектите кои беа финансирани во 2025 година, односно продолжување на булевар „Партизанска“, а чија реализацијата е веќе трета година. Потоа проектот за изградба на СКАДА систем, изградба на крстосница на булевар „Партизанска“ со „Сремски фронт“, проектот за изградба на улица број 1, конзервација и делумна реконструкција на Акрополот и уредување на парк покрај бања Кежовица, рече Трендафилова.
Битола - Редовниот железнички сообраќај на релација Битола-Скопје и обратно ќе има една рестрикција, но не и целосно запирање во периодот на најавената реконструкција на пругата Скопје-Зелениково.
Од битолската Железничка станица за МИА потврдија дека секојдневно и без пречки од Битола за Скопје ќе се поаѓа во 03.10 часот наутро и во 18.22 часот попладне, додека од Скопје за Битола, патничкиот воз ќе поаѓа во 06.50 часот наутро и во 20.05 часот навечер.
- Цената на возниот билет е иста и на релација Битола-Скопје може да се патува за 314 денари во еден правец, односно за 502 денари ако патникот набави повратен билет за патување во воз.
За време на првиот и третиот викенд во месецот превозот со воз за млади лица до 27 годишна возраст и сите пензионери, е бесплатен, изјавија за МИА од Железничката станица во Битола.
Радовиш - Од ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш денеска информираа дека завршила административната постапка за припојување на рударско-геолошкиот комплекс „Боров Дол“ кон „Бучим“ со што двата рударски комплекси официјално продолжуваат да функционираат како еден правен субјект.
-Со ова се зацврстува единствениот оперативен и управувачки модел, што ќе придонесе за уште поголема ефикасност и транспарентност во работењето на компанијата во целост. Присоединувањето претставува стратешки чекор што овозможува поефикасно планирање и управување со ресурсите, унапредени процеси и појасна корпоративна структура, подобрена усогласеност со меѓународните стандарди и ESG принципите, зголемена транспарентност и стабилност во работењето, како и следење на единствена долгорочна визија за развој на целиот комплекс, се наведува во информацијата.
Од компанијата нагласуваат дека присоединувањето не подразбира никаква промена во управувачката структура. Исто така, условите на воспоставените партнерства, договорните односи и обрвски со добавувачи, институции и други заинтересирани страни, остануваат непроменети.
Велес - Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, во соработка со локалната библиотека „Гоце Делчев“ распишаа литературен конкурс за поетски творби на темите „Елката што шепоти“ и „Божиќната ѕвезда“.
Право на учество имаат учениците од сите основни училишта во Општина Велес, поделени во три категории, првата за ученици од IV и V одделение, втората за ученици од VI и VII одделение и третата за ученици од VIII и IX одделение.Рокот за пријавување е до 16 декември.
Творбите треба да бидат напишани на една страница во A4 формат, со фонт Arial 12, на македонски јазик. Секоја творба мора да ги содржи името на ученикот, одделението, училиштето и името на менторот. Менторите имаат обврска да направат селекција на најдобрите творби и да ги испратат на конкурсната е-адреса: solevkosta@yahoo.com
Организаторите најавуваат дека резултатите ќе бидат објавени до 20 декември, годинава, а за најдобрите поетски творби во трите категории ќе бидат доделени прва, втора и трета награда.
Наградите ќе бидат врачени на свечена новогодишна манифестација, а организаторите ќе ги известат училиштата кога и каде ќе се одржи.
Велес - Во СВР Велес вчера во 12:35 часот било пријавено дека во помошна просторија од неговиот дом во Велес бил пронајден починат 70 - годишниот велешанец П.Т.
Како што информираа попладнево од СВР Велес, лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство, а увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
Демир Капија - Небезбедна е водата за пиење во Демир Капија и Чифлик, известија претпладнево од демиркапиското јавно комунално претпријатие ,,Бошава".
- По добиените анализи, поради зголемен број на анаеробни бактерии во водоводната мрежа во населените места Демир Капија и село Чифлик, водата не е безбедна за пиење. Се препорачува водата да не се користи за пиење и подготовка на храна до наредно известување, соопштија од претпријатието, преку објава на нивниот Фејсбук профил.
Притоа информираа дека надлежните служби преземале мерки за санација на проблемот. Се заблагодарија за разбирањето на состојбата и најавија дополнително известување за понатамошниот развој на настаните.
Скопје - Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција во земјава Кристоф Ле Риголер, на која била претставена визијата за долгорочен развој на главниот град, заснована на одржливи политики, европски стандарди и продлабочена меѓународна соработка.
Како што соопшти прес-службата на Град Скопје, разговорот се фокусирал и на натамошно унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон, како и отворање нови можности за заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните на Скопје.
-На амбасадорот му ја претставив визијата за развој на Скопје која е заснована на јасна стратегија, долгорочни политики и силни принципи на одржливост. Исто така, разговаравме за продлабочување на соработката со збратимениот град Дижон, истакнал Ѓорѓиевски по средбата.
Тој нагласил дека Скопје се стреми кон целосна интеграција на европските стандарди во економскиот раст, културниот развој и во зелените политики, додека пак амбасадорот Ле Риголер ја изразил подготвеноста на Франција да споделува искуства и иницијативи кои можат значајно да придонесат за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во нашиот главен град.
Скопје - Општина Карпош соопшти дека во насока на поголема транспарентност при формирање на општинскиот Буџет за 2026 година, од денеска започнала иницијатива во која директно ги вклучува граѓаните во планирање со тој процес.
По тој повод, како што се посочува, градоначалникот Сотир Лукровски, секретарот на Општината Мирјана Пехчевска Поп Илиева и претседателот на Советот, Христо Саракинов, денеска се сретнаа со жителите од урбаните заедници „Кузман Јосифовски Питу“, „Пецо Божиновски Кочо“, Нерези, Тафталиџе 1 и Тафталиџе 2.
Во рамки на координативните средби, граѓаните имаа можност непосредно да го информираат раководството на локалната самоуправа со нивните потреби и барања, со цел решавање на проблемите на пошироката локална заедница. На тој начин општинската администрација ги нотираше предлозите на граѓаните од овие населени места, а најприоритетните предлози ќе бидат интегрирани проекти, односно во Буџетот за 2026 година и во Програмите за работа на општинските Сектори. На самата дискусија присуствуваа и членови на Советот на Општина Карпош, кои исто така посочија на неколку акутни проблеми со кои се соочуваат жителите од урбаните населби, соопштија од општината.
Скопје - Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска присуствуваше на состанокот на Надзорниот одбор во општина Хан и Елезит, во рамки на заедничкиот ЕУ-проект „Smart System for Early Flood Detection and Waste Monitoring in the Lepenec River Basin“, финансиран преку IPA III програмата Косово - Македонија.
-Општина Ѓорче Петров останува силно посветена на регионалната соработка и на развојот на современи системи за рано предупредување, заштита и превенција од поплави, имајќи ја предвид важноста од стабилен и безбеден тек на реката Лепенец, која претставува заеднички природен ресурс и споделен предизвик за двете држави, се наведува во соопштението.
На состанокот, како што информираат од Општина Ѓорче Петров, заедно со градоначалникот на Хан и Елезит, претставниците на техничките тимови и партнерските институции, биле разгледани следните чекори во имплементацијата на проектот, насочени кон воспоставување модерна, паметна и сигурна граница со напредни системи за мониторинг и управување со ризици.
Скопје - Oпштина Бутел ораганизираше свечено одбележување на 116 години од раѓањето на македонскиот поетот и револуционер Никола Јонков Вапцаров, стои во соопштението на Општината што МИА го пренесува интегрално.
Градоначалникот Дарко Костовски положи цвеќе пред споменикот на великанот Никола Јонков Вапцаров и се поклони на еден од најзначајните македонски дејци.
Во песната „Земја“ Вапцаров најотворено ја изразува својата национална припадност и пишува за својата татковина Македонија. „Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“ - Никола Јонков Вапцаров.
Скопје - Општина Аеродром е прва општина што воведува системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата. Со овој проект, секое пластично шише и пластично пакување ќе има своја вредност, а граѓаните ќе придонесуваат за почисто и поодговорно општество, се наведува во соопштението од Општината.
Проектот ќе опфати вкупно 600 домаќинства, а во првата фаза 50 домаќинства ќе добијат специјални канти за селекција на пластика. Со Одлука на Советот на Општина Аеродром, ЈП за комунални дејности ќе го спроведува проектот, ќе ја поттикнува селекцијата кај граѓаните и ќе го предава отпадот на овластени компании за понатамошен правилен третман.
Овој проект, како што се наведува во соопштението, е продолжување на Clean AirDrom, за кој е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпад.
Со оваа иницијатива, Општина Аеродром ја намалува количината на мешан комунален отпад, ја штити животната средина и го поттикнува развојот на свесни граѓански навики.