МД „Илинден“-Тирана побара отворање лекторат по македонски јазик во Корча
- Македонското друштво „Илинден“ - Тирана продолжува со својата мисија за зачувување на јазикот и образованието на македонскиот мајчин јазик на припадниците на македонската заедница во Албанија.

Тирана, 10 февруари 2025 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“ - Тирана продолжува со својата мисија за зачувување на јазикот и образованието на македонскиот мајчин јазик на припадниците на македонската заедница во Албанија.
Во тие рамки последователна активност е барањето за отворање лекторат по македонски јазик во Корча.
-Во името на нашето друштво поднесов барање до Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура за отворање лекторат по македонски јазик на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча, Албанија. Потоа барање ќе доставиме и до Ректоратот на универзитетот во Корча. Искрено се надеваме на позитивен одговор од сите институции, рече за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Според него, постои огромен интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонската заедница.
-Интересот за изучување на македонскиот јазик е голем, како кај македонското малцинство, така и воопшто во албанското општество, меѓу новите генерации филолози. Лекторатите по македонски јазик се клучни за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина, оцени Ѓурѓај.
Претходно со залагање на Ѓурѓај, минатата година беше реактивиран Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана, кој е единаесетти лекторат по македонистика во светот. Беше реактивиран во
средината на месец јануари минатата година, по повеќе од една деценија нефунционирање, а првата група слушатели беше промовирана во мај. вт/дма/
Фото: МД „Илинден“