МД „Илинден“-Тирана 16 години во мисија за заштита и афирмација на македонскиот идентитет во Албанија
- Македонското друштво „Илинден“-Тирана чија главна мисија е заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски идентитет во Република Албанија, денеска одбележува 16 години од формирањето.

Дебар, 6 февруари 2025 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“-Тирана чија главна мисија е заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски идентитет во Република Албанија, денеска одбележува 16 години од формирањето.
-На денешен ден 2009 година македонско друштво „Илинден“-Тирана е регистрирано во Основниот суд во Тирана. Во овие 16 години посебно внимание им посвети на Македонците во областите Голо Брдо, Преспа, Гора и Врник. Во изминатите 16 години како претседател на Македонско друштво „Илинден”- Тирана, заедно со моите соработници, имавме можност да оствариме бројни работни и официјални посети, да се сретнеме и да соработуваме со владини институции, како во Република Албанија, така и во матичната држава Република Македонија, како и со меѓународни организации, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Додаде дека на сите реализирани средби со претставниците на државните институции на двете земји, како и европските институции разменувале мислења за важни прашања за унапредувањето на положбата и правата на македонското национално малцинство во Република Албанија.
Според него иако не секогаш наоѓале заедничко или задоволително решение за одреден проблем, сепак должна благодарност искажува до сите државни албански, македонски и меѓународни институции, посочувајќи дека „друштвото станува посветено на борбата за правата на македонско национално малцинство во Република Албанија, за унапредување на положбата на Македонците врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност“.
-И денеска по повод на 16-годишнината на друштвото сакам да ги повикувам сите државни институции како и сите политички партии и невладиниот сектор во Република Албанија и во матичната држава Република Македонија да дадат поддршка на Македонците во Република Албанија, да дават поддршка во континуитет за решавање на проблемите со кои се соочуваме и да спречиме асимилацијата од Бугарија, која на секој начин ја користи тешката економска состојба за да Македонците ги прикаже како Бугари, што ниту некогаш биле, не се и нема да бидат, порача Ѓурѓај.
Посебно, нагласува тој, сака да го спомене рамноправното членство друштвото во Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 16 мај 2015 година, каде стана силен глас на македонското национално малцинство.
-Од особено значење за работата и информирањето, за активностите на нашето друштво, е весникот „Илинден“ кој покрај печатеното има и електронско издание. Првиот примерок излезе од печат во Март 2011 година во Тирана, и единствен весник на Македонците во Република Албанија, што излегува во печатна и електронска верзија. Весник е стандардизиран според меѓународните норми со ISSN 2522-6282, вели Ѓурѓај.
Исто така весникот е дел од grid.mk , daily.mk и vesti.mk, а е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Република Албанија. вт/дма/