• петок, 21 февруари 2025

Левандовски на „Камп Ноу“ уште една и пол сезона

Левандовски на „Камп Ноу“ уште една и пол сезона

Барселона, 12 февруари 2025 (МИА) - Барселона не сака така лесно да се откаже од својот најдобар стрелец, па постигна договор со Роберт Левандовски да го продолжи договорот на уште една година, пренесе „Мундо Депортиво“.

Капитенот на репрезентацијата на Полска има договор со каталонскиот клуб до крајот на сезоната, но 36-годишниот фудбалер ќе остане на „Камп Ноу“ до јуни 2026 година.

Шпанските медиуми потсетуваат дека Левандовски во договорот со Барселона има клаузула која автоматски би го продолжила договорот за уште една година доколку полскиот фудбалер оваа сезона одигра половина од натпреварите најмалку 45 минути. Овој услов Полјакот би требало да го исполни веќе на 17 февруари на натпреварот од 24. коло на Ла Лига против Рајо Ваљекано.

„Мундо Депортиво“ пренесува дека челниците на Барселона веќе постигнале договор со полскиот фудбалер за продолжување на соработката до јуни 2026 година, уште пред тој услов.

Левандовски е дел од Каталонците од 2022 година, а за клубот одигра 128 натпревари и постигна 90 гола, од кои 19 во оваа сезона во Примера, каде што моментално е најдобар стрелец на ова натпреварување. дс

Фото: Архива

Остани поврзан