Кумановската градинка ќе ги искористи сите капацитети за реконструкција и проширување на објектите
- Кумановската градинка „Ангел Шајче“ во соработка со ЈП „Куманово план“ ги разгледува можностите за реконструкција на двата најстари објекти на градинката, информираа денеска надлежните од јавната установа. Овие два објекти се изградени првично и бараат темелна реконструкција.
Куманово, 24 ноември 2025 (МИА) - Кумановската градинка „Ангел Шајче“ во соработка со ЈП „Куманово план“ ги разгледува можностите за реконструкција на двата најстари објекти на градинката, информираа денеска надлежните од јавната установа. Овие два објекти се изградени првично и бараат темелна реконструкција.
- Станува збор за првите два изградени објекти кај гимназијата и кај зелениот пазар. Во соработка со „Куманово план“, градинката веќе работи на подготовка на проектна документација за реконструкција на овие и други објекти. Документацијата е првиот неопходен чекор за учество на јавни повици, било од општината, министерствата, Владата, или меѓународни донатори, амбасади, изјави директорката на градинката, Ивана Николиќ.
Посебно внимание, како што најави Николиќ ќе посветат и на објектот во населбата „Гоце Делчев“, кој е релативно нов, но се наоѓа на подрачје кое бара геотехнички проверки, испитувања и изработка на технички решенија за идни интервенции.
Капацитетот на ЈУ ДГ „Ангел Шајче“ изнесува 1.550 деца, распределени во неколку објекти во градот. Според директорката Ивана Николиќ, моментално се запишани 1.182 деца, додека дневната присутност варира меѓу 1.100 и 1.290 деца.

- Иако бројот на запишани деца е висок, градинката ги почитува законските капацитети пополнетоста се движи помеѓу 70 и 80 проценти што значи дека установата не ги надминува дозволените норми, изјави Николиќ.
На листата за чекање се наоѓаат 144 деца, а дополнителни 57 запишани деца сè уште немаат комплетирана документација и не можат да склучат договор додека не ги комплетираат потребните документи.
Проблемот со просторот во „Пионерскиот дом“, како што вели Николиќ останува актуелен и за него се залагаат и општината и самата установа.
- Целта е градинката да добие најголем дел од просториите, а доколку нецелосно, барем салата за приредби, која е најпотребна за потребите на установата, додава Николиќ.
Во моментов градинката управува и со два центри за детски развој. Од градинката ги повикуваат основните училишта да обезбедат услови за да можат да згрижат деца во целодневен престој со што храната ќе биде подготвена од градинката како што веќе функционира во училиштето „Вук Караџиќ“.
Во однос на проширувањето, Николиќ рече дека градинката во изминатите години ги искористила сите расположливи простории. Таа планира да ги искористи градежните маркици за проширување, секаде каде што има можност. ам/вј/
Фото: МИА