• петок, 05 декември 2025

„Куманово-Гас“: До крајот на годината уште седум институции ќе се приклучат на гасификациската мрежа

„Куманово-Гас“: До крајот на годината уште седум институции ќе се приклучат на гасификациската мрежа

Куманово, 15 ноември 2025 (МИА) - Основниот суд во Куманово се приклучува кон гасификацијата мрежа, исто како и СВР Куманово и уште неколку установи и институции, соопштија на денешната прес-конференција надлежните од јавното претпријатие „Куманово-Гас“. Приклучокот се спроведува преку проектот „ЕУ за чист воздух“.

-Очекуваме до крајот на годината да заврши приклучокот на Центарот за вработување, Центарот за социјални работи, основното училиште „Толи Зорудимс“, музичкото „Панче Пешев“ и дисперзираниот објект од основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, изјави директорот на претпријатието, Марко Митровски.

Претходно беа приклучени „Наце Буѓони“ и Домот за ученици „Професор Мијалковиќ“, кај Соколана.

За сите објекти постапките се во завршна фаза, одобренијата за градба се веќе добиени, проектната документација е завршена, се поставуваат мерните станици. „Куманово гас“ работи на имплементација на мерни станици.

-Природниот гас има околу 500 пати помалку ПМ-10 честички во споредба со нафтата. Сите овие нови објекти се во централното подрачје и секој приклучен корисник значи помалку загадување, рече Митровски, додавајќи дека целта е Куманово да стане „чист и урбано уреден град во кој граѓаните живеат со квалитетен амбиентален воздух“.

Станува збор за вкупно девет објекти со претходно приклучените два, така што вкупната бројка на приклучени објекти кон мрежата е 39.

Јавното претпријатие „Куманово Гас“ продолжува со реализација на инфраструктурните проекти за проширување на дистрибутивната гасна мрежа во градот. Митровски објасни дека динамиката на изградба се одвива согласно плановите и одобрени средства, при што дел од покрупните проекти се финансирани од владините повици за инфраструктурно подобрување на општините. Претходно беше завршена изградбата на мрежата кон Доброшане, проект добиен од првиот владин повик. Општината треба да го распише повикот за избор на изведувачи за вториот повик, со кој е планирана изградба на 6,5 километри мрежа кон населбата Карпош и кон Зелен Рид, опфаќајќи повеќе улици.

Реализацијата на овие зафати е планирана за следната година. Грејната сезона започна, сите капацитети во функција.

-Сите правни и физички лица кои имаат приклучок започнаа да го користат нашиот енергенс. Градинките, основните и средните училишта, болницата, Домот за стари лица, јавните претпријатија, сите функционираат на природен гас, нагласи директорот.

Намалување на загадувањето е стратешка цел на проширувањето на мрежата. Инфраструктурните проекти планирани за 2026 година ќе го зголемат опфатот во густонаселени подрачја и ќе го подигнат степенот на енергетска ефикасност на јавните објекти и домаќинствата.

Едно од прашањата кое често го поставуваат граѓаните се однесува на цената и постапката за приклучување. Митровски објасни дека за октомври цената на природниот гас изнесувала 60 денари по нормален кубен метар, а интересот за приклучок расте паралелно со проширувањето на мрежата.

-Секој што ќе дојде во претпријатието е информиран и упатен кон проектантските бироа кои ја подготвуваат потребната документација. Процедурата трае неколку месеци, па затоа со Министерството за енергетика работиме на нејзино поедноставување за граѓаните полесно да дојдат до приклучок, додаде директорот.

Гасификацијата во Куманово влегува во клучна фаза, со нови километри мрежа, растечки интерес кај граѓаните и мерлив придонес во намалувањето на аерозагадувањето. ам/вј/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан