• петок, 21 февруари 2025

Коњановски: Општина Битола ќе аплицира со нови 32 проекти за финансирање од владиниот втор јавен повик

Коњановски: Општина Битола ќе аплицира со нови 32 проекти за финансирање од владиниот втор јавен повик

Битола, 12 февруари 2025 (МИА) - Општина Битола подготви и ќе аплицира со 32 нови проекти на владиниот втор повик, чија реализација ќе може да се оствари со средства од унгарскиот кредит, изјави градоначалникот Тони Коњановски.

Според Коњановски, новите проекти се континуитет на претходните 16 проекти за чија реализација постапката е во завршна фаза.

-На минатиот повик за искористување средства од унгарскиот кредитот аплициравме со 16 проекти и притоа на располагање беа околу 230 милиони денари кои значеа исклучителна владина помош за нашата општина. Максимално се ангажиравме за проектите кои најголем дел беа за инфраструктура, два за спортот и еден за образование. За сите проекти постапките се завршени или во завршна фаза и најнапред ќе почнеме со реконструкција на фасадата на ОУ „Стив Наумов“, а потоа и јужната фасада на фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“. Со 32 нови проекти ќе аплицираме за новиот повик. Вкупната сума изнесува над 700 милиони денари, а ние имаме проекти за 830 милиони денари, но ќе обезбедиме дополнително финансирање. Проектите се од огромно значење за локалната економија и за развојот на градот, изјави Коњановски.

Во изјава за медиумите, градоначалникот Коњановски потврди дека во локалната самоуправа се работи и на нови проекти затоа што како што рече, ќе има и други јавни повици од Владата и владините министерства за поддршка на општините. мт/дма/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан