• петок, 21 февруари 2025

Палминтери: Италија е пионер во интегрирањето на традиционалната естетика со современата еколошка свест

Палминтери: Италија е пионер во интегрирањето на традиционалната естетика со современата еколошка свест

Скопје, 21 февруари 2025 (МИА) - „Нееднаквости: дизајн за подобар живот“ е темата на деветото издание на „Italian design day“ што денеска се одржа на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје во организација на Амбасадата на Република Италија, а во соработка со Италијанската трговска агенција.

Настанот, според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски е одлична можност за размена на искуства со италијанските пријатели за разубавување на животот преку примери за надминување на нееднаквостите, урбана иновација, технологија и одржливост.

- Технологијата, кога се користи во рамките на една интегрирана и целосна општествена трансформација e основа за изградба на иднина која ќе биде праведна, инклузивна и посветена на потребите на сите наши граѓани. Дигитализацијата е алатка која го олеснува животот на секој граѓанин. Брзите, достапни и едноставни услуги кои ги нудиме преку дигитализацијата имаат за цел да го намалат товарот кој го носи секојдневниот живот. Наместо да губиме време во редици и да се соочуваме со бариери во пристапот до основни услуги, технологијата ни овозможува да го искористиме времето за поважни и поплодни активности, истакна Андоновски.

Технологијата кога се употребува во екосистем кој подразбира дизајн, иновации и севкупен општествен развој, според него, претставува вистинска употреба на дигиталните технологии.

- Мојата визија е да изградиме едно општество каде технологијата не само што ја подобрува секојдневната ефикасност, туку го прави животот на секој граѓанин полесен, подобар и подостапен, рече министерот.

Ресорното министерство, нагласи, е посветено на креирање систем кој обезбедува достапни и инклузивни услуги за сите граѓани, без разлика на нивната возраст, место на живеење или социјален статус.

- Нашиот фокус е да ја направиме технологијата да биде разбирлива и лесно достапна, да ја понудиме едноставноста и ефикасноста која ќе го намали товарот за секој граѓанин. Од друга страна пак, иновациите и дизајнот се тие кои овозможуваат да ја искористиме целата вредност на дигитализацијата., рече министерот за дигитална трансформација.

Технологијата, според него, има моќ да ги уништи бариерите што ги создаваат нееднаквостите, но само ако ја дизајнираме да работи за сите, без исклучоци.

Решавањето на нееднаквостите, нагласи Андоновски, е континуиран процес кој бара посветеност, иновација и партнерство меѓу јавниот и приватниот сектор, како и постојана едукација на сите наши граѓани.

Италијанскиот амбасадор во земјава Паоло Палминтери нагласи дека годинашната тема не повикува да размислуваме за улогата на урбаниот дизајн во справувањето со големите предизвици на нашето време, социјалната инклузија, оддржливоста и технолошките иновации за создавање поинтелигентни и поефикасни градови прилагодени на човечкото живеење. Од ревитализацијата на јавните простори до интеграцијата на зелените инфраструктури.

- Италија е земја пионер во интегрирањето на традиционалната естетика со современата еколошка свест, како и во напредокот со практиките за урбано планирање правејќи многу од италијанските градови модел за градовите низ целиот свет. Одржливиот развој во италијанските градови се води од неколу клучни принципи, кои имаат цел да го балансираат урбаниот раст со зачувувањето на животната средина и социјалната еднаквост, истакна Палминтери.

На денешниот настан беа претставени успешни примери за урбана регенерација и развој на градот Торино, кој во изминатите 25 години, станал школски пример за урбана трансформација. Старите индустрски зони и згради се пренаменети со помош на стратегија за управување со сообраќајот и промоцијата на економија базирана на знаење, а градот се позиционира како атрактивна бизнис и туристичка локација со сосема нов идентитет базиран на инклузивност, култура, гастрономија и модерна уметност.

„Italian Design Day“ е проект на италијанското Министерство за надворешни работи со кој се промовира дизајнот како универзална експресија на „Made in Italy”. сс/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан