Кошта и Фон дер Лајен на дводневна турнеја низ Блискиот Исток
- Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска и утре ќе престојуваат на турнеја низ Блискиот Исток, во чии рамки ќе ги посетат Јордан, Сирија и Либан.
Брисел, 8 јануари 2026 (МИА) – Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска и утре ќе престојуваат на турнеја низ Блискиот Исток, во чии рамки ќе ги посетат Јордан, Сирија и Либан.
Турнејата следи откако лани во ноември ЕУ го усвои Пактот за Медитеранот, со кој се промовира соработка, просперитет и трајна стабилност во регионот.
Кошта и Фон дер Лајен денеска во Аман ќе имаат средба со јорданскиот крал Абдула Втори, по што сите заедно ќе учествуваат на првиот Самит ЕУ-Јордан.
Според најавата, Кошта и Фон дер Лајен со нивниот јордански домаќин ќе разговараат за актуелните глобални предизвици, вклучувајќи ја ситуацијата на Блискиот Исток, Украина, безбедноста, трговијата и миграцијата.
Самитот, пак, ќе се фокусира на билатералните односи и понатамошното продлабочување на политичката и економската соработка, како што е утврдено во Договорот за стратешкото и сеопфатно партнерство меѓу ЕУ и Јордан склучен во јануари 2025 година.
Европскиот совет нагласува дека Јордан е стратешки партнер на Европската Унија и игра клучна улога на Блискиот Исток, па оттаму ЕУ длабоко го цени јорданското лидерство и неговата дарежливост во згрижувањето на сириските бегалци повеќе од една деценија.
- Овој прв билатерален Самит ќе обезбеди одлична можност за зајакнување на нашето партнерство и справување со заедничките предизвици во овие турбулентни времиња, посочува Европскиот совет.
Од Аман, Кошта и Фон дер Лајен ќе отпатуваат за Дамаск, каде утре ќе се сретнат со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара.
Се очекува главни теми на средбата да бидат натамошната демократска транзиција на Сирија, со вклученост на претставници на сите национални и верски заедници, како и улогата на ЕУ во обновата на земјата, како од институционален, така и од финансиски аспект.
Ова е прва посета на првите луѓе на ЕУ на Дамаск по падот на режимот на Башар ал-Асад во декември 2024 година и доаѓа откако Унијата лани во мај ги укина економските санкции кон Сирија и ја афирмира својата посветеност на закрепнувањето, обновата и зачувувањето на мирот во земјата.
По Сирија, Кошта и Фон дер Лајен утре ќе го посетат и Либан, каде во Бејрут ќе имаат средба со либанскиот претседател Жозеф Аун. Се очекува оваа средба да биде искористена за дополнително зајакнување на партнерството меѓу ЕУ и Либан, со фокус на просперитетот, безбедноста и стабилноста. сп/сд/
Фото: МИА Архива