• сабота, 22 февруари 2025

Костадиновски - Ортиз: Зајакнување на соработката со Шпанија преку билатерални средби на уставните судови

Костадиновски - Ортиз: Зајакнување на соработката со Шпанија преку билатерални средби на уставните судови

Скопје, 3 февруари 2025 (МИА) - Една од можностите за унапредување на соработката помеѓу уставните судови на Северна Македонија и Шпанија е организирање билатерални посети помеѓу двата суда, било констатирано на средбата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски со амбасадорот на Кралството Шпанија во Скопје, Рафаело Сориано Ортиз.

Како што соопштија од Уставниот суд, на средбата Костадиновски го информирал амбасадорот за клучните предизвици со кои се соочува Судот во извршувањето на своите надлежности. 

Костадиновски нагласил дека Уставниот суд, во околности на историски најниска доверба на граѓаните во севкупниот државен систем, како орган на Републиката, без оглед на какви било обиди за политизација и етнизација во постапувањето на Судот, ќе остане доследен и бескомпромисен во императивната заложба да го чува Уставот, да ја штити уставноста и законитоста, слободите и правата на човекот и граѓанинот.  

-Заемна констатација на двајцата соговорници беше дека реалната посветеност за заштитата на владеењето на правото и правната држава треба да биде врвен приоритет на сите фактори во нашето општество како единствен начин за враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот, се наведува во соопштението.

Во тој контекст, Костадиновски го информирале амбасадорот Ортиз за неговото планираното учество во 6. Конгрес на Светската конференција на уставна правда, кој ќе се одржи во месец октомври оваа година во Мадрид, каде што е планирана средба со претседателот на Уставниот суд на Шпанија, Кандидо Конде-Пумпидо на која постои можност за договарање на динамиката на билатерални средби за размена на добрите пракси и искуства. дма/са/

Фото:Уставен суд

Остани поврзан