Конститутивна седница на Совет на Општина Кавадарци
- Совет на Општината Кавадарци денеска одржа конститутивна седница. Седницата ја отвори и со неа претседаваше, највозрасниот советник, Јован Златевски. Тој посака успешна работа на новоизбраните градоначалник и Совет, по локалните избори.
Кавадарци, 4 ноември 2025 (МИА) - Совет на Општината Кавадарци денеска одржа конститутивна седница. Седницата ја отвори и со неа претседаваше, највозрасниот советник, Јован Златевски. Тој посака успешна работа на новоизбраните градоначалник и Совет, по локалните избори.
- Проектите што ги предлагаме треба да бидат проценувани не според тоа кој советник ги предлага, туку според нивната вредност и корисност за нашите сограѓани. Без разлика од која политичка опција доаѓаат идеите, тие мораат да бидат разгледувани објективно и со отворени очи. Ако проектот е во интерес на општината и ќе донесе бенефит за заедницата, тогаш треба да биде поддржан од сите нас, без разлика на личните разлики, подвлече Златевски.
На седницата беа верифицирани мандатите на 19 советници кои потпишаа свечени изјави. За претседател на Советот повторно како и во изминатите четири години, беше избран Стојанче Рамов, со мнозинство гласови. Рамов се заблагодари и рече дека ќе работи во интерес на сите.
- Функцијата претседател на Совет ја разбирам како можност да придонесам за развој и посветла иднина и просперитет на нашата Општина како и подобар живот за сите граѓани без разлика на политичка, верска, национална и било каква друга определба. Со целиот свој капацитет и интегритет ќе работам да нема наметнување на волјата на мнозинството над малцинството во Советот на Општина Кавадарци, рече Рамов.
Во Советот на Општината, 12 советници се од ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата, по двајца од СДСМ и коалицијата и Левица, еден од ЗНАМ и двајца независни советници, Ристо Сакалиев и Јован Златевски. свд/бк/
Фото : МИА