• петок, 21 февруари 2025

Комуналните претпријатија не плаќаат за исфрлање отпад на депонијата кај Кочани поради високата цена за услугата

Комуналните претпријатија не плаќаат за исфрлање отпад на депонијата кај Кочани поради високата цена за услугата

Кочани, 31 јануари 2025 (МИА) – Комуналните претпријатија од општините Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци, сè уште не му плаќаат на КЈП „Водовод“ – Кочани за исфрлање на отпадот на депонијата кај селото Бели. 

Висината на надоместокот што бил побаран е неприфатлива за трите комунални претпријатија, поради што договорот кој произлегол како обврска од потпишаниот меморандум за соработка, досега не е склучен.

Градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков нагласи дека во текот на идната недела повторно ќе се разговара за меѓусебните обврски на четирите општини за да се најде решение на проблемот.

- Обврска беше, по потпишувањето на меморандумот, да склучиме меѓусебен договор со Општина Кочани и да се одреди цена, однсоно права и обврски на општините кон комуналното претпријатие „Водовод“ – Кочани. Договорот е направен, ама уште не е потпишан. Од страна на Општина Кочани се нуди цена која што реално е многу висока за сите други општини и затоа не е потпишан. Во понеделник имаме закажано состанок во Министерство за животна средина, сите четири општини, со претставници од проектот и од Министерството. Една од точките што ќе се разгледува ќе биде и тој договор, за да може да се договориме за некоја цена којашто ќе биде прифатлива за сите општини, истакна градоначалникот Петков.

Дополнително, Петков објасни дека не може да се излезе со прецизен заклучок колку и дали треба да се ослободат граѓаните на Виница од плаќање ѓубрарина за ноември и дел од декември, со оглед што ќе има надоместок што ЈКП „Солидарност“ ќе треба да го плати, а чија висина во моментот не е позната.

- Реално ќе има цена за плаќање и трошоците за носење на отпадот ќе бидат значително зголемени за разлика од сега. Според мене, прво треба да почекаме, да се потпишат тие договори, да се види колку ќе биде обврската на Општина Виница кон „Водовод“ – Кочани, за да видиме дали да ја намалиме или да ја зголемиме ѓубрарината. Значи, од тоа ќе зависат следните чекори и затоа подобро да го решиме тоа прво во Министерството, а потоа да излеземе со прецизни бројки, за да не биде тоа на штета и на комуналното претпријатие и на Општината, додаде Петков.

По протестот на граѓаните на Кочани и блокадата на патот кон депонијата кај Бели во октомври, трите соседни општини не го исфрлаа комуналниот отпад околу еден ипол месец. Во средината на декември минатата година, четирите соседни општини потпишаа меморандум за соработка според кој требаше да се плаќа надоместок за оваа услуга, а средствата да се користат за покривање на трошоците за уредување и одржување на депонијата.та/са/

Фото: МИА

Остани поврзан