• четврток, 04 декември 2025

Израел и Сирија се далеку од постигнување мировен безбедносен договор, тврди израелски функционер

Израел и Сирија се далеку од постигнување мировен безбедносен договор, тврди израелски функционер

Ерусалим, 19 ноември 2025 (МИА) - Безбедносен договор меѓу Израел и Сирија нема да биде потпишан во блиска иднина, објави денеска „Тајмс оф Израел“, повикувајќи се на неименуван висок израелски функционер.

„Сè уште не сме блиску. Сè уште не е на маса“, рече тој.

Главната точка на спорот е наводно барањето на Сирија израелската армија да се повлече од сириската територија, во која влезе по падот на поранешниот сириски лидер Башар ал-Асад пред една година.

Претходно, израелскиот јавен радиодифузер Кан објави дека разговорите за потенцијален безбедносен договор се во ќорсокак.

Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, за време на состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа минатата недела, „ладно“ коментираше за можноста за нормализирање на односите на Сирија со Израел.

Кога беше прашан за евентуалното пристапување на Сирија кон Аврамските спогодби со Израел, Ал-Шара истакна дека ситуацијата во Сирија е различна од другите потписници, бидејќи земјата дели граница со Израел, кој, како што забележа, ги окупира Голанските висорамнини од 1967 година.

-Можеби администрацијата на Трамп може да ни помогне да постигнеме безбедносен договор со Израел или да се вратиме на договорот од 1974 година, рече тој. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан