Израел и Боливија ги обновија дипломатските односи
- Израел и Боливија на синоќешната церемонија во резиденцијата на израелскиот амбасадор во САД ги обновија дипломатските односи, кои беа прекинати пред две години поради војната во Појасот Газа
Вашингтон, 10 декември 2025 (МИА) – Израел и Боливија на синоќешната церемонија во резиденцијата на израелскиот амбасадор во САД ги обновија дипломатските односи, кои беа прекинати пред две години поради војната во Појасот Газа.
- Денеска завршуваме еден долг и непотребен период на поделби помеѓу нашите две пријателски земји, истакна шефот на израелската дипломатија Гидеон Сар.
Сар потсети дека се сретнал со новиот претседател на Боливија, Родриго Паз, еден ден по неговиот избор на почетокот на октомври. Паз по преземањето на функцијата во ноември одлучи да ги нормализира односите со Израел, кои беа прекинати во 2023 година од неговиот претходник, Луис Арсе, во знак на протест против војната во Појасот Газа.
- Се чувствуваме многу блиски со израелскиот народ бидејќи се соочуваме со многу заеднички предизвици. Свесни сме дека имаме долг пат пред нас и предизвици што ќе мора да ги надминеме, наведе боливиски министер за надворешни работи Фернандо Арамајо.
Паз, исто така, ги обнови односите со Вашингтон, кои беа прекинати во 2008 година од страна на претседателот Ево Моралес.
Боливија беше првата латиноамериканска земја што ги прекина врските со Израел. Во октомври 2024 година, Боливија, исто така, се приклучи на тужбата против Израел пред Меѓународниот суд на правдата поднесена од Јужна Африка за кршење на Конвенцијата на ОН за геноцид.
Новата Влада на Боливија исто така ги укина визите за израелските и американските туристи. ми/мс/
фото: Икс