• недела, 11 јануари 2026

Израел во состојба на зголемена готвеност поради можна американска интервенција во Иран

Израел во состојба на зголемена готвеност поради можна американска интервенција во Иран

Ерусалим, 11 јануари 2026 (МИА) – Израел е во состојба на зголемена готвеност за евентуална интервенција на САД во Иран, во контекст на сè поострите дејствија на властите во Исламската Република за сузбивање на едни од најголемите антивладини протести во земјата, јавиja израелски извори запознаени со прашањето, пренесува Тајмс оф Израел.

Американскиот претседател Доналд Трамп во изминатите денови во неколку наврати упати закани и предупредувања до иранското раководство да не користи сила против демонстрантите. Синоќа тој ја изрази подготвеноста на Вашингтон да им помогне на учесниците во протестите во Иран.

- Иран го предупредува Трамп дека секој напад на САД би довел до тоа Техеран да возврати на Израел и регионалните американски воени бази како „легитимни цели“, изјави од говорницата на законодавниот дом претседателот на Парламентот, Мохамед Бакер Калибаф.

Израел е во состојба на висока готовност поради можноста за интервенција на САД за поддршка на националното протестно движење против режимот во Иран, велат извори.

Изворите кои присуствувале на израелските безбедносни консултации викендов, не соопштија детали за тоа што во пракса подразбира високиот степен на подготвеност од израелска страна.

Според израелски извор, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот државен секретар Марко Рубио синоќа во телефонски разговор дискутирале за можноста за американска интервенција во Иран. Двајцата соговорници разговарале и за ситуациите во Појасот Газа и во Сирија.

Израел не изрази желба за директна интервенција во Иран, но тензиите меѓу двете земји остануваат високи поради израелските стравувања поврзани со иранската нуклеарна програма и програмата за балистички ракети. ссм/

фото: архива

Остани поврзан