Изложба „Везилка“ на Јана Јакимовска во Штип
- Изложба на цртежи и слики со наслов „Везилка“ на академската сликарка Јана Јакимовска ќе биде отворена денеска во Безистенот во Штип. На изложбата, како што наведува авторката во најавата, се изложени дела инспирирани од песната „Везилка“ на Блаже Конески. По изложувањето во Скопје, ова е второ претставување на изложбата „Везилка“ пред македонската публика.
Штип, 18 ноември 2025 (МИА) - Изложба на цртежи и слики со наслов „Везилка“ на академската сликарка Јана Јакимовска ќе биде отворена денеска во Безистенот во Штип. На изложбата, како што наведува авторката во најавата, се изложени дела инспирирани од песната „Везилка“ на Блаже Конески. По изложувањето во Скопје, ова е второ претставување на изложбата „Везилка“ пред македонската публика.
-Проектот „Везилка“ на Јана Јакимовска е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу „женската рака“ и „машката историја“. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ, нагласува кураторката на изложбата Ана Франговска.
Јана Јакимовска (1981, Скопје) дипломирала во 2005 и магистрирала во 2009 на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ во Скопје. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн.
Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 24 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Има учествувано на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди, од кои последната е наградата од КИЦ „Константин Мазев – Коце“ за мал формат во 2024 година. Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. ац/хс/
Фото: Плакат