Извршено пошумување со потсејување на локалитетот „Брана“ во Национален Парк „Маврово"
- Управата на Јавната установа Национален Парк „Маврово" – Маврови Анови, согласно законските обврски и според планските документи, изврши пошумување со подсејување на локалитетот „Брана“, во одделите 67а и 68а.
Дебар, 12 ноември 2025 (МИА) - Управата на Јавната установа Национален Парк „Маврово" – Маврови Анови, согласно законските обврски и според планските документи, изврши пошумување со подсејување на локалитетот „Брана“, во одделите 67а и 68а.
Тоа е дел и од обврската за пошумување во шума каде што е воведен шумски ред по елементарна непогода.
-Потсејувањето со 10,5 килограми елово семе од автохтоно потекло го спроведоа стручните служби на Паркот, во присуство на надлежниот инспектор од областа на шумарството, кој е задолжен за контрола при воведување на шумски ред и интервенција, со пошумување на наведениот терен, информираа од НП „Маврово".

Семето е потврдено со Уверение за потекло и процентуална ртливост , издадено од Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг „ХАНС ЕМ“ – Катедра за семенарство, Скопје.
Постапката била спроведена со подготовка на теренот и методот со плоштатки, со фрлање на семе заедно со лушпи, имитирајќи го природниот начин на осеменување во природата.
-Со оваа активност, уште еднаш ја потврдуваме нашата посветеност на заштитата, обновата и негувањето на шумските екосистеми – нашето најголемо природно богатство. Исто така ја исполнуваме нашата мисија – зачувување на природата за идните генерации и одговорно управување со шумските ресурси, посочуваат од НП „Маврово".
Фото: НП „Маврово"