• вторник, 30 декември 2025

Изборен хаос во Гвинеја-Бисау: И двајцата кандидати прогласија победа на претседателските избори пред официјалните резултати

Изборен хаос во Гвинеја-Бисау: И двајцата кандидати прогласија победа на претседателските избори пред официјалните резултати

Бисау, 25 ноември 2025 (МИА) - И главниот предизвикувач на претседателските избори во Гвинеја-Бисау, Фернандо Диас, како и штабот на актуелниот претседател, Умаро Сисоко Ембало, прогласија победа пред да бидат објавени официјалните резултати од гласањето, при што секој од нив тврди дека освоил над половина од гласовите.

Противречните тврдења на двајцата кандидати ризикуваат да ја ескалираат тензијата во западноафриканската земја по одржаните избори. Ова е првпат кандидат на партијата која го предводеше движењето за независност од Португалија да не учествува во претседателската трка, при што Африканската партија за независност на Гвинеја и Кабо Верде (ПАИГЦ) ја поддржа кандидатурата на Диас.

Во Гвинеја-Бисау ќе се одржи втор круг доколку ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто од гласовите.

- Победивме на претседателските избори. Нема да има втор круг, изјави Диас (47) од Партијата за социјално обновување, во седиштето на својата кампања во главниот град Бисау. - Мојот народ е многу уморен и му треба промена во врвот на државата, додаде тој. Диас доби популарност откако ја доби поддршката од поранешниот премиер Домингос Переира, лидер на ПАИГЦ, кој беше втор на оспоруваните избори во 2019 година.

Од друга страна, Оскар Барбоса, портпарол на изборниот штаб на Ембало, на одвоена прес-конференција изјави дека токму Ембало (53), поранешен генерал, е победник и дека нема да има втор круг. Ембало се обидува да стане првиот актуелен претседател на Гвинеја-Бисау по три децении што ќе добие реизбор.

- Ги повикуваме нашите противници да се воздржат од објавување резултати кои би можеле да го стават под сомнеж изборниот процес, изјави Барбоса.

Над 65 отсто од гласачите го оствариле своето право на глас, а прелиминарните резултати се очекува да бидат објавени в четврток, соопшти Идриса Диало, портпарол на изборната комисија на Гвинеја-Бисау. ссм/мс/

фото: архива

Остани поврзан