• петок, 21 февруари 2025

ЗНМ и ССНМ: Осуда за кампањата за оцрнување на независните медиуми и закани кон новинарите

ЗНМ и ССНМ: Осуда за кампањата за оцрнување на независните медиуми и закани кон новинарите

Скопје, 12 февруари 2025 (МИА) - Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) најостро ја осудуваат тековната кампања за, како што велат, оцрнување насочена кон независните и критички настроени медиуми.

Оваа кампања дополнително засилена на социјалните мрежи, според ЗНМ и ССНМ има за цел да ги дискредитира медиумите и новинарите кои постојано откриваат корупција, злоупотреба на моќта и други прашања од јавен интерес.

-Лажниот наратив дека овие медиуми добиле средства од УСАИД за да ја поткопаат демократијата претставува обид да се делегитимира нивната работа, иако нивното известување доведе до законски реформи, кривични истраги и санкции против одговорните за разни злоупотреби. Овие медиумски кампањи за оцрнување, единствено имаат за цел да го замолчат независното и критичко новинарство и да ја нарушат довербата во медиумите пред граѓаните, велат од ЗНМ и ССНМ.

Според нив, кампањата за оцрнување дополнително ескалира на социјалните мрежи, каде што поттикнува омраза кон новинарите, вклучително и мизогини напади и закани кон новинарки. Ваквата реторика, велат, не само што потенцијално ја загрозува безбедноста на поединците, туку создава и клима на страв, со што директно се обесхрабрува слободното и професионално новинарство.

-Меѓународните правни стандарди, вклучително и оние утврдени од Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права, јасно посочуваат дека нападите врз новинарите претставуваат закана за демократијата и слободата на медиумите. Потсетуваме дека со последните измени на Кривичниот законик, новинарите во Македонија го имаат статусот на службени лица при извршувањето на својата професионална должност, се вели во денешната реакција на ЗНМ и ССНМ.

Тие ги повикуваат надлежните институции да обезбедат заштита на новинарите од вознемирување и закани и ја повикува јавноста да ги отфрли дезинформациите и да ја поддржи независната медиумска работа, која е од суштинско значење за демократијата и одговорноста на институциите и политичарите. сст/нд/

фото МИА архива 

Остани поврзан