Значителен интерес за вакцинација против сезонски грип во Куманово
- Благо зголемување на бројот на заболени од грип, евидентира Центарот за јавно здравје Куманово, информираа денеска епидемиолозите. Во истовреме, лекарите додаваат дека значителен е интересот за вакцинација против сезонски грип. Досега за две недели, 2.800 кумановци над 65 години и хронично болните лица примиле вакцина, лани, пак вкупно биле вакцинирани 2.500 лица. Денеска и утре продолжува вакцинацијата.
Куманово, 6 ноември 2025 (МИА) - Благо зголемување на бројот на заболени од грип, евидентира Центарот за јавно здравје Куманово, информираа денеска епидемиолозите. Во истовреме, лекарите додаваат дека значителен е интересот за вакцинација против сезонски грип. Досега за две недели, 2.800 кумановци над 65 години и хронично болните лица примиле вакцина, лани, пак вкупно биле вакцинирани 2.500 лица. Денеска и утре продолжува вакцинацијата.
- Оваа бројка се однесува само за Куманово. Доколку има ваков интерес ќе набавиме дополнителни количини наменети за овие категории граѓани. Очекуваме, утре да пристигнат и т.н „комерцијални вакцини“, изјави началничката на епидемиологија д-р Јадранка Стаменковска.
Предминатата недела се пријавени 26 заболени лица од грип, минатата 11 случаи. Епидемиолозите очекуваат раст на бројката во наредните месеци со пик во јануари.
- Ја следиме состојбата. Пријавуваат и матичните лекари како и инфективното и детското одделение од болницата. Најзастапена е групата од 25 до 64 години. Официјална пријава до центарот за заболени од ковид, немаме, ниту пак евидентирано во нашата лабораторија, изјави д-р Стаменковска.
Лекарите препорачуваат одржување на хигиено-диететски режим и константно придржување мерки за силен имунитет се препораки на лекарите, да се избегнува престој и близок контакт со веќе заболени личности, миење раце, проветрување на простории, внесување на свежа храна богата со витамини и минерали, слоевито облекување, практикување здрав начин на живот и навики, добар сон и одмор, здрава храна, психо-физичка активност.
Сепак, најдобра заштита како што укажуваат е вакцинацијата. ам/
фото: МИА