• петок, 05 декември 2025

Зајакнување на меѓународната соработка на Уставниот суд – средби со амбасадорите на Австрија и Италија

Зајакнување на меѓународната соработка на Уставниот суд – средби со амбасадорите на Австрија и Италија

Скопје, 20 ноември 2025 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски денеска оствари средби со амбасадорите на Република Австрија, Мартин Памер, и на Република Италија, Паоло Палминтери, во рамки на интензивираната меѓународна агенда и зголемената динамика во меѓународните активности на Судот.

На средбите, како што соопштија од Уставниот суд, биле разменети мислења и идеи за зајакнување на соработката меѓу Уставниот суд на Република Северна Македонија и уставните судови на Република Австрија и Италија, која наредниот период треба да се реализира. 

 Костадиновски ги информирал амбасадорите за тековните предизвици со кои се соочува Судот и, по интерес на соговорниците, ги запозна со планираните активности во наредниот период, вклучувајќи постапување по предмети од висок јавен интерес, зајакнување на уставниот поредок, заштита на принципот на поделба на власта и унапредување на владеењето на правото.

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски изразил искрена благодарност за континуираната поддршка на амбасадорот Памер во унапредувањето на соработката меѓу двата уставни суда, која во наредниот период ќе биде зајакната преку официјалната билатерална посета на претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартнер, неговото учество како главен гостин на Балканскиот форум на уставните судови којшто ќе се одржи следната година, како и организирањето на специјализирана обука за професионално усовршување на стручната служба на Уставниот суд на Република Северна Македонија преку студиски престој во Уставниот суд на Австрија. дма/вг/

Фото: Уставен суд

Остани поврзан