Дамевски за МИА: Ние сме мала кинематографија која паѓа во очи со талентот и постигнувањата
- Ние сме мала кинематографија која многу паѓа во очи со талентот и со постигнувањата. Ние секогаш сме имале талентирани уметници, само ни требаше малку време да научиме како функционира светот, малку да земеме странско знаење и искуство, да се прилагодиме и полека со учењето да го пробиваме својот пат, вели во интервјуто за МИА директорот на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.

Скопје, 6 февруари 2025 (МИА) - Ние сме мала кинематографија која многу паѓа во очи со талентот и со постигнувањата. Ние секогаш сме имале талентирани уметници, само ни требаше малку време да научиме како функционира светот, малку да земеме странско знаење и искуство, да се прилагодиме и полека со учењето да го пробиваме својот пат, вели во интервјуто за МИА директорот на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.
Фестивалот „Браќа Манаки“ неодамна се закити со специјална награда за достигнување (Special Achievement Award), која ја доделува Британското здружение на кинематографери (BSC).
Дамевски, кој ја прими оваа награда за време на официјалната церемонија во Лондон на почетокот на февруари, во интервјуто за МИА вели дека оваа награда му е најмила, посочувајќи ја поврзаноста меѓу Лондон и Битола. Лондон е местото каде што нашите предци, браќата Манаки, ја пронајдоа нивната камера „ Биоскоп“ со сериски број 300 .
-Оваа награда ми е најмила, затоа што ни беше укажана најголема чест. Седевме на главната маса. Сум бил и на Оскарите, сум седел поназад, не е ист третманот, не е исто чувството. За мене ова е најпрекрасен настан. Се беше убаво организирано, имавме исклучителен третман, сите сакаа да не запознаат, да се поздрават. Двете земји се навистина поврзани. Да не бил Лондон не би имале камера, или би имале камера од друго место, рече Дамевски.
Наградата, како што посочува, ја симболизира перспективата и потенцијалот што го има фестивалот. Дамевски е на ставот дека на фестивалот му е потребна стабилност и континуитет.
-Со добивање на наградата, тие велат и ме молат да не го менуваме тој квалитет, однос и тип на фестивал. Ние имавме еден странски спонзор првата година, два спонзори втората и третата година. Лани имавме седум, а за годинава ми се најавени 12 странски спонзори, кои даваат финансиска стабилност. На фестивалот му е потребна стабилност, додава Дамевски за МИА.
Тој појаснува дека се вреднува она што се прави и што се правело изминативе 45 години и тоа што го остваруваме во светот, затоа што одеднаш ние излегуваме од анонимноста.
Како што појаснува, единствената разлика која ја направил овие четири години со неговиот тим, е што со малку пари кои ги има, почнаа да излегуваат во светот.
-Ние сме најстариот и прв фестивал во светот, посветен исклучиво на кинематограферите. И имаме среќа што е така, затоа што ние постоиме 15 години пред сега најголемиот и најпознатиот фестивал во светот. Станува збор за фестивал создаден од двајца исклучително паметни луѓе кои живеат и работат во Холивуд, Полјаци, кои виделе дека не може да има подобро место за филм на кинематографери, освен Полска. Додека ние сме менувале директори, тие се движеле во еден правец и сега се најголемиот и најпознат фестивал во свет, со 17 пати поголем буџетот од нашиот, вели Дамевски.
Дамевски е на чело на фестивалот четири години, при што објаснува дека првите три години го учел фестивалот. Тој е на ставот дека за еден фестивал клучни се неколку исклучително важни компоненти.
-Прво, мора да личи на фестивал. Мора да делува ексклузивно и богато на отворањето, за тие што доаѓаат да знаат дека доаѓаат на фестивал. Втората работа што ви ја треба за фестивал се неколку звезди. Не филмски глумачки звезди кои го крадат вниманието, туку кинематографери. Јас не знаев ништо за фестивали. Првата година ќе загинавме. Беше епидемија, имавме помал буџет, но мојата намера беше повеќе пари да донесам за да го кренеме фестивалот и имоџот. Тоа успеавме да го направиме благодарение на кревање на фондовите втората година, објаснува Дамевски.
Тој вели дека успеале да го кренат квалитетот на фестивалот во овие четири години, но и да го одржуваат и надградуваат.
-Се создаде фама дека овој фестивал е место каде што одиш за дружба. Ова е нешто што го имал другиот фестивал во Полска кога почнал, но тој успеал да се изгради и прераснал во фабрика за пари која веќе не им се допаѓа, и се бара конкурентски фестивал. Ние имавме среќа да ги научиме во тие три години работите и да дојдеме до таму да тие велат дека на тој фестивал мора да одат, но на фестивалот „Браќа Манаки“ се тука да уживаат, вели Дамевски за МИА.
На прашање што претставува специјалната награда за достигнување во однос на понатамошната работа на фестивалот „Браќа Манаки“ во иднина, Дамевски вели дека поголемо задоволство од наградите му е фактот дека фестивалот расте, се зголемува бројот на странски гости кои присуствуваат секоја година. Токму ова, според него, е потврда дека фестивалот се движи во вистинската насока.
-Мене никогаш не ме интересирале награди. Поголемо задоволство ми причинува растот на фестивалот и зголемениот број на луѓе од 130 до 430 за четири години, од кои првата година биле 12 странски, а лани беа 170 странски гости. Мене тоа ми причинува задоволство. Ова е потврда дека се движиме во вистинската насока, додава Дамевски.
Тој додава дека е исклучително значајна и поддршката која ја даваат спонзорите.
-И поддршката од спонзорите е важна, бидејќи тоа значи дека правиме нешто како што треба. Мене оваа награда ми ја олеснува работата, ова е нешто што сега сите го знаат. Знае и другиот фестивал дека ние сме ја добиле наградата и дека мора да се коригираат. Мене ми е најголемо задоволството да можам да им служам на тие големи уметници, да им направам да им биде убаво и да се почуствуваат како да се во Каан, вели Дамевски.
Тој појаснува и дека сите долгови на фестивалот се отплатени, посочувајќи дека фестивалот првпат има сериозни финансиски резерви.
-Од Агенцијата за филм ми ги додоа парите што ми ги должат од 2022 година. Се уште ги чекам од 2023 и 2024 година. Јас секогаш пред почетокот на фестивалот размислувам како да ги купиме филмовите. Сега имам пари да купам филмови. Имаме сериозни финансиски резерви кои ни овозможуваат да немаме стрес и да се купат филмови. Мене тоа ме радува, дека зад себе оставам нешто добро, додава Дамевски за МИА.
Најголемата цел, посочува, е фестивалот да се стабилизира, и луѓето кои доаѓаат и кои имаат доверба, да веруваат дека „Браќа Манаки“ ќе продолжи во оваа насока.
Дамевски е на ставот дека луѓето од светската кинематографија имаат сериозно мислење за нас. Тој вели дека музиката и филмот се нашите најрепрезентативни извесни дејности во светот, но како што посочи, нашите достигнувања секогаш прво се признаваат и вреднуваат надвор, а дури потоа кај нас.
- Изминативе пет месеци постојано се валкаше името низ медиумите на нашите филмски работници, на Друштвото на филмски работници, на поединци од една или од друга страна, а особено се блати Агенцијата за филм. Факт е дека имало несоодветно работење. Но, не е во ред толку да се плука по уметноста, која е наш најголем репрезент во светот. Музиката и филмот се нашите најрепрезентативни извесни дејности во светот. Ни една друга уметност, ни еден друг спорт, додава Дамевски за МИА.
Кога се плука по филмската уметност, според Дамевски, тоа е поразително за нас и има само две причини - внатрешни конфликти во фелата или свртување на вниманието од многу поголеми кражби и криминали.
-Сепак, ние сме сакани и вреднувани. Ние сме мала кинематографија, која многу паѓа во очи со талентот и со постигнувањата. Можам да кажам дека луѓето од кинематограферската професија се најскромните и најголеми уметници кои сум ги запознал во животот, вели Дамевски во интервјуто за МИА.
Бисера Трајковска
Фото: Фросина Насковиќ
Видео: Аслан Вишко