• петок, 16 јануари 2026

ЕУ подготвува проширување на листата на санкционирани претставници на властите во Иран

ЕУ подготвува проширување на листата на санкционирани претставници на властите во Иран

Брисел, 16 јануари 2026 (МИА) – Новиот пакет санкции кон Иран кој ќе биде претставен на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ) на 29 јануари ќе содржи проширување на листата на санкционирани со уште 21 лице вклучени во насилната репресија врз учесниците на антивладините протести во земјата, информираат дипломатски извори.

Предлогот за нови санкции кон Иран на состанокот на ФАЦ го најави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас на седницата на Конференцијата на претседателите на Европскиот парламент во средата.

Со предлогот за новите казнени мерки, покрај 21-то физичко лице кои ќе бидат санкционирани врз основа на режимот на ЕУ за кршење на човековито права, се предвидува да бидат опфатени и 10 субјекти поврзани со развој на технологија за производство на беспилотни летала.

Според дипломатски извори, со предлогот засега не се предвидува прогласување на иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда за терористичка организација, поради резервите на неколку земји членки кон ваквата идеја, меѓу кои и Италија, Франција и Шпанија.

Од друга страна, некои членки, предводени од Германија и Холандија, инсистираат на зајакнување на притисокот врз Техеран, како одговор на обидите за брутално задушување на антивладините протести, при што се тврди дека се убиени илјадници демонстранти.

Калас на седницата на Конференцијата на претседателите на ЕП во средата информира дека некои земји членки на Европската Унија се спротивставуваат на предлогот за вклучување на Иранската револуционерна гарда на листата на терористички организации на ЕУ, но не ги именува државите. Ваквото противење било образложено со ставот дека тоа би можело да ги загрози дипломатските напори на ЕУ за смирување на состојбите во Иран.

По состанокот, лидерот на најголемата партија во Европарламентот, Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, изјави дека е лудо да се тврди оти вклучувањето на Гардата на листата на терористички организации на ЕУ би можела „да ги загрози дипломатските канали со Техеран“.

- Како можеме да воспоставиме комуникациски канали со таков режим? Имаме работа со терористички режим. Корпусот на иранската револуционерна гарда е терористичка организација – рече Вебер во изјава за германска телевизија.

Претходно, портпарол на француското Министерство за надворешни работи изјави дека Париз не ја исклучува можноста да поддржи предлог за прогласување на Иранската револуционерна гарда за терористичка организација, но потенцира дека оваа воена формација веќе е опфатена со неколку режими на санкции на ЕУ. Тој додаде и дека во моментот нема консензус и политичка решителност за нови санкции на ЕУ кон Иран. сп/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан