• сабота, 21 декември 2024

Ердоган: Загрижувачки е што ОН не можат да го заштитат ниту сопствениот персонал во Либан

Ердоган: Загрижувачки е што ОН не можат да го заштитат ниту сопствениот персонал во Либан

Анкара, 14 октомври 2024 (МИА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека е загрижен за меѓународниот систем бидејќи Обединетите нации (ОН) не можат да го заштитат ниту својот персонал од израелските напади во Либан, повикувајќи го Советот за безбедност да дејствува против Тел Авив.

На состанок на владата во Анкара, Ердоган рече дека е нарушен имиџот на Обединетите нации, кои не можат да го заштитат ниту сопствениот персонал и додаде дека тоа е срамно и загрижувачко за меѓународниот систем, пренесе ТРТ Балкан.

Тој посочи дека Советот за безбедност на ОН само ги набљудува израелските „насилници“ против мировните сили на ОН во Либан, нарекувајќи го „импотенција“.

-Искрено, ние исто така се прашуваме што чека Советот за безбедност на Обединетите нации за да го запре Израел, рече Ердоган.

Турскиот претседател додаде дека Израел нема да ги прекине своите напади се додека има безусловна поддршка од САД и Европа.

Мировните сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) вчера соопштија дека израелски тенкови ја пробиле капијата за да влезат во позицијата на мировните сили на либанската страна на границата, откако претходниот ден го блокирале нивното движење, што е флагрантно кршење на меѓународното право и резолуцијата 1701 на Советот за безбедност.

УНИФИЛ во саботата соопшти дека петмина мировници биле повредени во Либан и ги обвини израелските војници дека „постојано“ и „намерно“ ги гаѓале нивните позиции.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика ОН да ги повлечат трупите од областа каде Израел ги напаѓа силите на Хезболах.сд/

Остани поврзан