Ел Салвадор ќе прифаќа осудени криминалци од САД, без оглед на националноста
- Рубио додаде дека Букеле исто така „понудил да ги прифати во своите затвори опасните американски криминалци кои се во притвор во САД, вклучувајќи и државјани на САД и легални жители.“ - Ниту една држава досега не понудила вакво пријателство, истакна Рубио.

Сан Салвадор, 4 февруари 2025 (МИА) - Претседателот на Ел Салвадор Наиб Букеле се согласи да прифати осудени криминалци од „која било националност“, вклучувајќи и насилни престапници, од САД, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио.
„[Букеле] се согласи да прифати за депортација секој нелегален имигрант во САД кој е криминалец, без разлика на националноста, без разлика дали е член на банди како MS-13 или Tren de Aragua, и да ги смести во неговите затвори, рече Рубио по средбата со салвадорскиот лидер.
Рубио додаде дека Букеле исто така „понудил да ги прифати во своите затвори опасните американски криминалци кои се во притвор во САД, вклучувајќи и државјани на САД и легални жители.“
- Ниту една држава досега не понудила вакво пријателство, истакна Рубио.
Букеле на платформата Икс објави дека му понудил на САД можност да „аутсорсира дел од својот затворски систем.“
„Подготвени сме да прифатиме само осудени криминалци (вклучително и осудени државјани на САД) во нашиот мега-затвор (CECOT) во замена за надомест“, напиша Букеле. „Надоместот би бил релативно мал за САД, но значаен за нас, што би го направило нашиот затворски систем одржлив.“
Букеле во јуни освои втор мандат како претседател. Неговата успешна, но контроверзна офанзива против криминалните банди кои со децении го тероризираа Ел Салвадор беше клучна за неговата изборна победа. Со падот на стапката на криминал, неговата популарност значително се зголеми.
Активистите, сепак, го критикуваат за масовни апсења и прекршувања на човековите права.
Ел Салвадор, држава со околу шест милиони жители, пред неколку години имаше највисока стапка на убиства во светот. По бруталната акција против бандите, бројот на убиства значително се намали.
Прашањето за миграцијата е клучен дел од посетата на Рубио на Централна Америка. Тој викендов ја посети Панама, а по Ел Салвадор ќе замине за Костарика, Гватемала и Доминиканската Република. ссм/
фото: ЕПА