Ексклузивно, МИА во Трикала: Градот на божикната магија, на богот на медицината Асклепиј, на мирот и на Македонката Сања (Фото)
- Дописничката на МИА од Атина го посети грчкиот град Трикала, во срцето на Тесалија, град што за време на празниците, со најголемиот божиќен парк во Грција „Мелница на џуџињата на Дедо Мраз“, се претвора во зимска бајка, што привлекува домашни и странски туристи, но и град што важи за првиот паметен град во земјата, познат по иновативните решенија, но и град што плени со својата убавина и историја, а поразговаравме со локалното население, со македонски туристи, Македонка која живее во Трикала, но и со Дедо Мраз.
Атина, 7 декември 2025 (МИА)
Сања РИСТОВСКА – дописничка на МИА од Грција
-„Мелницата на џуџињата на Дедо Мраз“, веќе 14 години по ред го прави грчкиот град Трикала една од главните празнични дестинации за посетители, не само од Грција, туку и од Балканот, но Трикала не е само град на „божиќната магија“, туку и град во кој има посебна магија во текот на целата година, што сепак е најизразена во периодот за празниците.

Сместен во срцето на плодната област Тесалија, на коритото на реката Литеос, на околу 300 километри од Атина и 400 од Скопје, важи за најиновативна грчка општина, првиот паметен град во земјата, град на велосипедите, но и град со богата традиција и богата историја стара над пет века.

Во Трикала се спојуваат старото и новото, традицијата и технологијата, се смета за еден од најстарите непрекинато населени градови во Европа, а неговите жители зрачат со позитивност, смиреност, гостопримливост, а реката со 13-те мостови и целата атмосфера го прави да наликува на западноевропски град.

Трикала е директно поврзана со богот на медицината Асклепиј, градот е родно место на познатиот грчки композитор, пејач и свирач на бузуки Василис Цицанис, а и денес зачувани се знаменитости од Отоманската империја.

Дописничката на МИА од Атина ја посети Трикала, а првиот впечаток од градот со околу 72.000 жители е спокојот, смиреноста и љубезноста на локалното население, иновацијата и употребата на технологијата во изнаоѓање одржливи решенија за граѓаните, а секако не остануваат незабележани ни велосипедите што се речиси на секој чекор, што според официјалните податоци, речиси секој втор жител има велосипед.

Урбано уреден со велосипедски патеки, по течението на реката, во должина од 20 километри на патеката по која пред десет години сообраќаше првиот во светот автобус без возач, со поставени семафори и за велосипедите, го прави градот посебен, нешто со кое се согласуваат и жителите, но и бројните (македонски) туристи.

Македонските државјани воодушевени од Трикала
При прошетка низ градот, особено за време на викендите, воопшто не е изненадувачки да се чуе македонски јазик, со оглед на тоа што не е мал бројот на македонски туристи кои во Трикала доаѓаат за да го посетат божиќниот парк „Мелницата на џуџињата на Дедо Мраз“.
Дури и локалното население, коментира дека е голем бројот на посетители од Северна Македонија во изминатите неколку години.

Во едно од централните кафулиња, сретнуваме група од околу седум-осум лица, сите од Прилеп, на еднодневна екскурзија во Метеора, божиќниот парк и Трикала.
Велат дека е интересен град, но пред сè многу чист, а и дека цените се речиси исти како кај нас.
Македонците како туристи не се ретка појава во Трикала, но Македонка која живее во Трикала, веројатно не е нешто вообичаено.

Сања Николовска Пасхали веќе неколку години живее во Трикала, се сретнавме во едно од кафулињата во центарот на градот за да ни го пренесе нејзиното видување на градот, како изгледа градот низ очите на една Македонка, не само за Божиќ, туку во текот на целата година.
- Како човек кој поминува доста време во Трикала би кажала дека го доживувам градот како едно убаво, модерно, безбедно, организирано место во кое луѓето се питоми, гостопримливи и пријателски настроени. Она што лично за мене е прекрасно во Трикала е живот со едно мирно темпо, без стрес, среќни и насмеани лица. Од срце препорачувам секој кој има можност да го посети градот и околината, особено во периодот кога работи божиќното село кое е една магија не само за малите дечиња туку и за нас возрасните, објаснува Македонката.

Сличен е ставот и на локалното население, со дел од жителите со кои поразговара МИА, посочуваат дека иако е мал град, сепак имаат се, голем дел од нив нагласувајќи дека „Трикала не би ја замениле за ништо на светот“.
За разгледување на градот, воопшто не е потребен автомобил, сè е блиску пеш, а постои можност и за изнајмување електричен велосипед.

Главните туристички атракции и сите бесплатни, се мостовите на Литеос, статуата на богот на медицината Асклепиј и археолошкиот локалитет, објектот на поранешниот затвор во кој сега се реставрираниот турски амам и музејот на композиторот Цицанис, византиската тврдина над градот и часовникот со прекрасен поглед на цела Трикала, старата населба Варуси со куќи кои потсетуваат на оние во Крушево и Охрид …

Реката Литеос симболот на градот со 13 мостови
Низ градот поминуваат три реки, меѓутоа главната е Литеос, симболот и бисерот на Трикала, во должина од 36 километри и се влева во реката Пиниос.
Реката е долж градот, го дели на два дела, кои се поврзани со околу 13 мостови, од кои централниот е пешачки и главната точка на поврзување на градот.

Изграден во 1888 година од француски инженери, веројатно инспирирани од дизајнот на мостовите на Сена, со металните елементи донесени од Франција, мостот тогаш бил единствениот во Трикала, поврзувајќи го стариот со новиот град.

Пред 30 години бил прогласен за историски споменик, во 2015 година бил реновиран, а сега, наликува на мал плоштад уреден до клупи, поврзувајќи го централниот плоштад и стариот град со новиот урбан дел.
Брегот на реката Литеос и од двете страни е пријатно место за прошетка и релаксација, со клупи, кафулиња за уживање во боите на есента.

Античка Трики и богот на медицината Асклепиј
Со реката Литеос и градот Трикала, се верува дека е поврзан богот на медицината Асклепиј, почитуван како заштитник на лекарите и исцелителите, а според старогрчкиот историчар, географ и филозоф Страбон, бил роден во близина на реката.

Во денешна Трикала, наспроти централниот мост е мостот на Асклепиј, заедно со негова статуа поставена во1998 година и вештачки водопад што се слева во реката и го прави мостот уште поимпресивен.

Се смета дека на просторот на денешна Трикала постоел античкиот град Трики, каде што, според грчката митологија, бил роден богот на медицината Асклепиј, а неговите двајца синови биле лекарите на Ахајците во Тројанската војна, опишана во „Илијада“ на Хомер, со што започнала и медицина, додека пак се верува дека потомок на Асклепиј е „таткото на медицината“ Хипократ.

Во античка Трики бил изграден најстариот, најважниот и најпознатиот антички храм за лекување на Асклепиј, т.н асклепија, односно античките болници, а во целиот Медитеран познати се над 600.
Централниот булевар во Трикала го носи неговото име, додека пак на неколку метри од мостот на Асклепиј е и археолошкиот локалитет на античка Трики и на античкиот храм за лекување, што бил откриен по експропријацијата на приватно земјиште.

Светата копија на Богородица Патоводителка (Одигитрија) донесена од Света Гора
Археолошкиот локалитет се наоѓа во центарот на градот, меѓу станбени згради, а веднаш од спротивната страна е грандиозната црква Свети Никола.
Во периодот додека МИА беше во Трикала, во црквата од Света гора, беше донесена светата копија на чудотворната икона на Богородица Патоводителка (Одигитрија).

Иконата, што ја донел игуменот од манастирот Ксенофонт на Света Гора, архимандритот Алексиос, била свечено пречекана од митрополитот на Трикала Хрисостомос, кој воедно одржал и свечена литургија.

Оригиналот на иконата се наоѓа во Света Гора во манастирот Ксенофонт, а светата копија ја донел игуменот, кој долги години служел во Трикала, објаснија за МИА свештени лица, нагласувајќи дека станува збор за чудотворна икона.

По неколку дена во Светиот храм Свети Никола, каде што верниците можат да се поклонат, иконата на Богородица Патоводителка (Одигитрија), ќе биде префрлена во соседната црква, каде што и ќе остане.

Варуси и Манавика – населби во стариот дел на градот со аристократски куќи
На само неколку метри од црквата Свети Никола, наместо традиционалните грчки згради, карактеристични речиси за сите градови во Грција, се наѕираат аристократски куќи, а дел од нив потсетуваат на традиционалните куќи во Охрид и Крушево.

Станува збор за населбата Варуси, која заедно со населбата Манавика го сочинуваат стариот дел на градот.
Старите куќи во Варуси се изградени помеѓу 17 и 19 век. За време на турското владеење била христијанска населба, а до 30-те години на минатиот век била аристократска населба, додека пак денес целосно е заштитена како историска зона.

Малите и тесни улички со калдрма, помеѓу аристократските куќи, ја прават прошетката незаборавна, но и ве враќа во некое друго време, неколку века наназад, онаму каде што тогаш, била „душата“ на старата Трикала.
Во историскиот кварт се наоѓаат и некои од најстарите византиски цркви во градот.

Варуси или Варош на турски, значи предградие или населба надвор од ѕидовите или тврдината, а во конкретниот случај, населбата се наоѓа токму во подножјето на византиската тврдина.

Продолжение на населбата Варуси до главниот плоштад е населбата Манавика, кварт на стариот град со карактеристична архитектура, каде што се наоѓаат најдобрите таверни и кафе‑барови во градот.

Византиската тврдина и кулата‑часовник
Од Варуси преку Манавика се стигнува до централниот плоштад, но доколу се тргне во друга насока, патот од Варуси продолжува кон византиската тврдина и часовникот што доминираат над градот, од каде што има прекрасна глетка на цела Трикала.

Византиската тврдина во северозападниот дел е симбол на градот, изградена во 6 век од императорот Јустинијан Први, врз остатоците од античкиот акропол, била одржувана и за време на Отоманската империја, а денес е заштитен историски споменик и дел од културното наследство на Трикала.

Иако се простира над градот, сепак се стигнува лесно или пеш или со автомобил, а внатрешноста, освен историското значење и остатоците што можат да се посетат, нуди и прошетка низ зеленило, по уредени пешачки патеки.
Постои и мал летен театар, но она што е најимпресивно е кулата-часовник која многумина ја нарекуваат „традиционалната слика на градот“.

Часовникот е видлив од речиси сите делови на градот, има висина од 26 метри, а во 1997 година беше реставриран.
Првата кула-часовник била поставена од Турците во 17 век, заедно со ѕвоно тешко 650 килограми, низ годините и вековите работела периодично, а во 1936 година, била заменета со нова.

Реставрираниот Чифте амам и музејот на грчкиот композитор Василис Цицанис сместени објектот на поранешниот затвор
На јужниот влез во градот, недалеку од реката и од центарот на Трикала, се наоѓа објектот на поранешниот затвор, а сега простор во кој е сместен реставрираниот Чифте амам, на првиот кат и (интерактивниот) музеј посветен на грчкиот композитор Василис Цицанис.

За време на Отоманската империја, во градот постоеле три турски бањи, а една од нив била двоен (чифте) амам, составена од два идентични дела, секој со посебен влез, едниот наменет за мажи, а другиот за жени, изграден веројатно околу средината на 16 век од Осман Шах во рамките на комплекс во кој се наоѓа отоманската џамија, а веднаш до неа е црквата Свети Константинос.

Кон крајот на 19 век, бањата била затворена и модифицирана за да може во објектот да се смести затворот што работел до 2006 година.

Во 2011 година, при истражувачка работа на приземјето од зградата, била откриена отоманската бања.

Сега, целиот објект е отворен за посети, на првиот кат е реставрираниот амам, со зачувани делови од турската бања, но и од затворот, додека пак на вториот кат е музејот на Цицанис.

Василис Цицанис (1915-1984) познатиот грчки композитор, пејач и виртуоз на бузуки, кој директно се поврзува со создавањето на жанровите на народната музика „ребетико“ и „лаико“, е роден во Трикала, а музејот во неговиот роден град и во негова чест уште еднаш ја потврдува иновативноста на градот.

При влезот, посетители можат да симнат посебна апликација преку која при скенирање на дел фотографиите, тие „оживуваат“ со делови од документарен филм во кој тој лично говори за неговиот живот.
А животот на Цицанис е целосно и детално претставен во музејот, со поставена симболична врата (од неговата куќа), додека во заднина се слушаат неговите песни.

Компонирал над 500 песни, многу од нив станаа класики и се исполнуваат и денес, особено во малите грчки таверни специјализирани за „ребетико“.
Низ животот на грчкиот композитор нè води Стелиос Карајоргос, директорот на музејот, кој објаснува дека Цицанис уште од мал покажувал интерес, а на 11 годишна возраст сам почнал да учи бузуки и музиката веќе станува негово секојдневие, а постојат податоци дека како средношколец, веќе имал напишано над 30 песни.

-Имаше поразличен стил на ребетико од вообичаениот за тој период, беше повеќе западно ориентиран и концентриран на теми што тогаш не беа актуелни. Цицанис во песните посветени на жените имаше поразличен пристап, им се воодушевуваше, ги величаше жените, пишуваше за нив со почит, објаснува директорот на музејот.

Во самиот музеј, со оглед на тоа што претходно објектот бил затвор, постои еден дел, „затворска ќелија“ со железни порти и простор за посети со два телефони за комуникација меѓу затвореникот и неговиот посетител.

Доколку се крене слушалка, се слушаат две песни на Цицанис во кои главна тема е затворот.

Особено интересна е и инсталацијата со маса, бокал за вино и траги од виното (исто како во грчките таверни), а при поместување на бокалот на некоја од дамките, започнува и песна од Цицанис.

Дополнително, во музејот има и оригинални плочи и низа фотографии, но не станува збор само за изложбен простор, туку и жив културен центар и место за истражување и создавање, со оглед на тоа што во истиот простор има и студио за снимање, библиотека итн.

Трикала има многу голема традиција во музиката, со голем број композитори и текстописци родени во градот, а процените се дека луѓето од Трикала напишале околу 60-70 отсто од грчките народни песни.

Највисоката новогодишна елка е во Трикала
Вистинската божиќна магија во Трикала е во божиќниот парк „Мелницата на џуџињата на Дедо Мраз“, меѓутоа празничната атмосфера е присутна и во самиот центар на градот, особено во вечерниот часови, кога блеска новогодишната декорација со огромен број светилки и украси.

На централниот плоштад, на 19 ноември, најрано досега беше осветлена 33-метарската новогодишна елка, што е и највисоката Грција.

Заедно со елката, на плоштадот поставени се и низа други новогодишни украси, како и светлечки ѕвезди.
Украсени се и мостовите, но и бреговите на реката, што дополнително ја збогатуваат, и онака магичната атмосфера Трикала.

Хотелиерите велат дека овој период околу божиќните и новогодишните празници за нив е висока сезона посочувајќи дека бројот на посетители од година во година сè повеќе се зголемува.
- Она што е „high season“ за островите на лето, за нас е од средината – крајот на ноември, до средината на јануари. Дефинитивно сме празнична дестинација, вели вработена во хотел, објаснувајќи дека за Божиќ и за Нова година, речиси и да не постои слободна соба.

По поминати нешто помалку од 48 часа во градот што се смета за „божиќна престолнина“, заклучокот е дека Трикала, навистина нуди многу, за сите возрасти, за сите вкусови и за сите џебови.
Божиќната магија ги исполнува срцата, гостопримството на жителите ја исполнува душата, а со заминувањето од градот, завршува и бајката. Сè до следната посета. ср/
Фото: МИА