Економското училиште во Велес слави 65 години посветеност на образованието и македонскиот јазик
- Со завршна приредба насловена „За македонските работи“, учениците и вработените во Општинското средно училиште „Јовче Тесличков“ – Економска ја заокружија богатата програма по повод 65 години од самостојното работење на училиштето. Настанот се одржа во големата сала на Општина Велес, пред присутни гости, професори, ученици и поранешни вработени.
Велес, 5 ноември 2025 (МИА) – Со завршна приредба насловена „За македонските работи“, учениците и вработените во Општинското средно училиште „Јовче Тесличков“ – Економска ја заокружија богатата програма по повод 65 години од самостојното работење на училиштето. Настанот се одржа во големата сала на Општина Велес, пред присутни гости, професори, ученици и поранешни вработени.
Поетско-музичкиот перформанс беше посветен на македонскиот јазик, литературата и културното наследство, а инспирација беа делата на Кирил Пејчиновиќ, Крсте Петков Мисирков, браќата Миладиновци, Коста Солев Рацин, Блаже Конески и Горан Стефановски.

Како што објасни професорката Жаклина Ивановска Зафирчева, која го подготвуваше настапот со учениците, во изведбата учествуваа 22 ученици од прва до четврта година, кои се подготвувале интензивно околу еден месец.
-Перформансот е посветен на сите наши дејци и писатели кои придонеле за развојот и континуитетот на македонскиот јазик. Пораката е да го чуваме и негуваме јазикот и делото на сите што придонеле за неговото кодифицирање – од Мисирков и Конески па сè до денес, истакна Ивановска Зафирчева.
Во рамките на јубилејната програма, во Кариерниот центар на училиштето беа поканети претставници од бизнис-секторот, а со деветоодделенците од велешките основни училишта беше одржана едукативна работилница од областа на економијата, маркетингот и трговијата.
Покрај тоа, беа организирани и спортски натпревари во повеќе дисциплини, на кои учествуваа екипи од неколку средни училишта од Велес.
Со овој свечен настан Општинското средно училиште „Јовче Тесличков“ го заокружи одбележувањето на 65 години успешно образование и воспитување на генерации ученици – традиција што го вбројува училиштето меѓу најстарите економски училишта во земјава. ад/дма/
Фото: МИА